Поради пандемијата на коронавирусот, управата на Реал Мадрид е приморана да подигне нов кредит за да го заврши реновирањето на ултра модерниот стадион.

Реновирањето на „Сантијаго Бернабеу“ на крајот ќе го чини Реал Мадрид неверојатни 795 милиони евра, односно ова е сумата која клубот ќе мора да ја врати на банките на основ на кредити, позајмици и камати.

Реал досега позајми 100 милиони од договорените 570 милиони евра за реновирање на „Сантијаго Бернабеу“, вториот дел ќе го подигне во јули идната година и изнесува 200 милиони евра, додека третиот дел кој изнесува 270 милиони евра ќе го подигне во 2022 година. Според планот на управата, реновирањето треба да заврши најдоцна до 2022 година.

Но, пандемијата на коронавирусот им ги помати плановите, клубот остана без голем дел од приходите од влезници и продажба на сувенири поради што мора да побара нов кредит во износ од 160 милиони евра.

Поради тоа кога ќе се пресмета се, Реал на банките ќе мора да им врати 795 милиони евра во наредните 30 години. „Кралевите“ до јули 2049 година секоја година ќе плаќаат 30 милиони евра на банките.