Хрватот Лука Модриќ, поради повреда, нема да биде во комбинација да настапи за Реал Мадрид на преостанатите два натпревари на актуелниот шпански првак во 2020 година.

Весникот „Марка“ објави попладнево дека Модриќ го пропуштил денешниот тренинг поради болки во мускулите на левата нога, наведувајќи оти повеќе детали околу сериозноста на повредата ќе бидат познати по медицинските прегледи во вторник.

Модриќ во неделата постигна гол во триумфот на Реал над Еибар од 3:1, а во 72. минута побара да биде заменет поради болки во левата нога.

До крајот на календарската година, Реал в среда игра против Гранада, а на 30 декември го очекува дуел против Елче. (МИА)