Рускиот претседател Владимир Путин синоќа потпиша указ за зајакнување на мерките за заштита на мостот на Крим и енергетската инфраструктура меѓу Крим и Русија.

„Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) сега е одговорна за безбедноста”, се вели во соопштението на Кремљ.

Потегот на Путин уследи по вчерашната експлозија на камион на мостот што ги поврзува Крим и Русија, при што загинаа три лица, а предизвика и делумно уривање на мостот, оштетувајќи важна линија за снабдување.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руската армија на југот на Украина ќе продолжи да се снабдува со копнени и поморски коридори и покрај оштетувањата на Керчкиот мост, кој досега се користеше за овие цели.

Русија го зазеде Крим во 2014 година, а мостот долг 19 километри, кој го поврзува полуостровот со руската патна и железничка мрежа, го отвори рускиот претседател Владимир Путин четири години подоцна, возејќи камион.

Рускиот национален антитерористички национален одбор на социјалните мрежи објави дека експлозијата се случила во 06:07 часот во товарно возило, при што се запалиле седум вагони со резервоари за гориво, кои биле на пат кон полуостровот.

Две коловозни ленти на делот од мостот се урнаа, но теснецот што ги поврзува Црното и Азовското Море, не е оштетен, се вели во објавата на социјалните мрежи.

Сергеј Аксјонов, рускиот гувернер на Крим, на социјалните мрежи изјави дека мостот не е оштетен во еден правец, иако сообраќајот е прекинат за да се процени штетата.

Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер напиша дека инцидентот е „само почеток”, но не кажа дека украинските сили се одговорни за експлозијата.

„Сè што е незаконско мора да биде уништено, се што е украдено мора да се врати во Украина, сè каде што е Русија мора да биде исфрлено”, напиша советникот Михајло Подољак.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател и наредил на Владата да формира државна комисија за да го истражи инцидентот.