Британската телевизија „BBC“ доби 6.417 поплаки откако реши да не ја прекине програмата за време на реанимацијата на данскиот фудбалер Кристијан Ериксен, кој изгуби свест и доживеа срцев удар на натпревар против Финска пред две недели.

29-годишниот фудбалер колабираше на теренот во 43-та минута од натпреварот против Финска. Тие веднаш скокнаа да му помогнат. Прво тоа го стори данскиот капитен Симон Кјаер, кој го стави својот пријател во безбедна позиција, а потоа медицинските лица неколку минути го реанимираа Кристијан Ериксен, кој се освести додека беше сè уште на трева. Подоцна помина неколку дена во болница, каде беше опериран и му беше инсталиран кардиовертер-дефибрилатор.

За разлика од многу телевизиски станици ширум светот, „BBC“ не престана да ја емитува борбата за живот на Ериксен на Паркен. Поради тоа, оваа телевизија се најде на удар, и после тоа испрати официјално извинување.

„Се извинуваме на сите што се навредени од сликите од преносот. Преносот од стадионот го контролираат УЕФА и локалниот оператор. Веднаш штом натпреварот беше прекинат, ние го запревме преносот што е можно поскоро“, објави „BBC“.

Новинарката Еш Саркар смета дека сите одговорни треба да бидат отпуштени.

„Кој е одговорен за одблизу на лицето на Ериксен, додека тој беше реанимиран и неговата уништена сопруга треба веднаш да биде отпуштена. Жал ми е“, напиша таа.

Таблоидот „The Sun“ објави дека BBC добил 6.417 поплаки откако решил да не престане со емитување на реанимација на данскиот фудбалер. Тоа е многу помалку отколку што беше кога почина принцот Филип. Откако „BBC“ одлучи да објави извештај за смртта на сопругот на кралицата Елизабета Втора, телевизијата доби рекордни 109.741 жалби.

Во меѓувреме, Ериксен ја напушти болницата и веднаш по напуштањето ги посети своите колеги во таборот на данската репрезентација. Тој ги охрабрува на секој натпревар, а тие играат во негова чест.

Данците направија голем подвиг во последното коло затоа што успеаја да се пласираат во осминафиналето на ова натпреварување, иако претрпеа два порази на претходните натпревари од групната фаза.

За нив сега следи осминафинален натпревар против Велс кој ќе се одигра на 26 јуни (сабота) на стадионот Јохан Кројиф во Амстердам со почеток во 18 часот.