За Премиер лигата нема одмор, вообичаено и во овој период се играат натпревари, а Лидс својот прв меч во Новата година ќе го имаат в сабота.

Од 13.30 часот во Лондон играчите на менаџерот Марсело Биелса ќе му гостуваат на Тотенхем предводен од Жозе Мурињо.

Лидс има две победи по ред (над Барнли и Вест Бромвич), додека Тотенхем нема триумф на последните четири средби, односно има учинок од два порази и две нерешени. На табелата Тотенхем е на седмата позиција со 26 бодови, три помалку има клубот од „Иланд роуд“ на 11 место.

Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски во претходното коло запиша гол во гостинската победа над ВБА, а се надева на добар резултат и во претстојниот дуел.

– Добро е за нас да играме против вакви големи клубови и да го играме фудбалот против нив, да покажеме дека и ние можеме да направиме нешто големо. Знаеме дека тие се силни и индивидуално подобри, но доколку бидеме силни како тим, тоа нè прави и нас многу силни. Ќе го дадеме максимумот и ќе видиме што ќе се случи. Знаеме дека Тотенхем е Тотенхем – вели Алиоски.