Колку фудбалот е непредвидлив, но истовремено прекрасен спорт и колку можат работите да се сменат, доволен доказ е Шериф Тираспол. Иако се уште е рано за било што да се зборува за нокаут фазата, сепак мора да се каже дека по воведните две кола од новата сезона во групната фаза од Лигата на шампионите тие се вистински хит.

Во првото коло славеа против Шахтјор, а синоќа ги шокираа Реал Мадрид и тоа на „Сантијаго Бернабеу“ со 2:1. Во група со Реал, Интер и Шахтјор, Шериф Тираспол, за кој настапува нашиот Бобан Николов се лидери во групата со шест бодови од два меча и гол разлика 4:1. Колку е за неверување говори и податокот дека Шериф има 4 постигнати голови, а останатите три екипи постигнале само 2 и тоа Реал Мадрид, по еден на Интер и на Шериф. Интер и Шахтјор се уште чекаат на прв гол.

Но, интересно е тоа што пред само две години, Шериф Тираспол гостуваше во Скопје. Играше против Шкендија во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите. На Арената „Тодор Проески“ на 24-ти јули 2018-та година загубија со 1:0, а стрелец на тој гол беше Бесарт Ибраими.

Една недела подоцна се играше и реванш. Таму Шкендија одигра 0:0, па ги продолжи натпреварувањања во третото квалификациско коло и го елиминираше Шериф Тираспол. Во следното коло Шкендија беше елиминирана од австриски Салцбург со вкупни 5:0.

Од тој состав кој беше елиминиран од Шкендија, за две години, до дуелот со Реал Мадрид „преживеал“ само еден фудбалер, бразилецот Кристиано кој од 2017-та година е во овој тим.

Е, сега вистинското прашање е каде е Шериф Тираспол сега, после две години од тој дуел со Шкендија, а каде е шампионот на Македонија?!