Во попладневниот дел од 120-тата седница на Собранието излагања имаа само пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои го критикуваа предлогот Кети Петкова да биде избрана за член на Советот на јавни обвинители. Петкова, родена 1962 во Гевгелија, е магистер по правни науки, шест години била јавен обвинител во ОЈО Гевгелија, а сега работи како адвокат.

Според опозициските пратеници, кандидатката Петкова е „прототип како не треба да изгледа Советот на јавни обвинители“ и прашаа како таа како член на Советот ќе ја оценува работата на јавните обвинители кога во 2009 година токму од Советот била разрешена од функцијата јавен обвинител поради нестручно и несовесно работење во службата.

Реагираа и што во нејзиното именување се прекршени процедурите – пробиен е рокот и огласот требало да биде поништен. Според Законот за јавно обвинителство, пријавата од Петкова е поднесена пред една година и изборот требало да биде ставен на дневен ред во Парламентот во рок од 30 дена од огласот. Поради тоа сметаат дека постапката нема легитимитет и се доведува во прашање уставноста на изборот.

Според Александар Велјановски, со ваков предлог се дерогираат надлежностите на Советот на јавни обвинители со кој, рече, „владеат бизнис судски елити“.

-Петкова е инсталација од „кујната“ на СДСМ, а на таа партија и се потребни вакви луѓе за да го покриваат сиот криминал и корупција во државава, рече  Велјановски.

Миле Лефков рече дека за состојбата во судството зборува „дебаклот на Судскиот совет и партизирањето на Советот на јавни обвинители“.

Драган Ковачки зборуваше дека криминали, убиства и кривични дела немаат разрешница и праша дали судството ќе се реформира со Петкова која, рече, дипломирала на 30 години, на 55 магистрирала, а една година пред пензија се кандидира за член на Советот на јавни обвинители со мандат од четири години.

-Срамно е да предлагате истакнат правник, а сами знаете дека претходно била разрешена од функцијата јавен обвинител, рече Ковачки.

Даниела Колева од СДСМ му реплицираше дека во мандатот на нејзината партија има осудени функционери од СДСМ и праша дали ВМРО-ДПМНЕ во 11 години владеење повела постапка против свои луѓе на функции.

-Заборавивте што се случуваше во 11 години. Партал и пепел ги направивте судството и институциите. Сите институции ги претворивте во партиски штабови. Ваш министер прикриваше убиство, рече Колева.

Во излагањата на опозиционерите доминираа критики за судството. Тие цитираа изјави на амбасадори и меѓународни претставници  за состојбата на судскиот систем, како и укажувањето на обвинителката Ленче Ристовска  за трговија со влијание во Советот на јавни обвинители на РСМ.

Посочија на анкета на ИРИ, според која перцепцијата за довербата во правосудството е 1 отсто,  и на  анонимната анкета на Мисијата на ОБСЕ според која 72 отсто од анкетираните судии не се согласиле дека Судскиот совет ја штити независноста на судството и дека над половина од анкетираните обвинители сметаат дека одлуките во Советот на јавни обвинители не се носат самостојно.

Општата расправа за предлогот за избор на член на Советот на јавни обвинители е исцрпена и ќе се гласа дополнително. Во 12 часот утре ќе продолжи 120-тата собраниска седница со расправа по останатите точки од дневниот ред.