Жоан Лапорта кој од 2002 до 2010 година беше претседател на Барселона, а сега е главен фаворит на изборите кои се закажани на 24. јануари повторно да се врати на челното место на каталонскиот клуб, тврди дека имал можност да го донесе Кристијано Роналдо на „Камп Ноу“.

Сето тоа се случило 2003 година кога управата на Барселона го договорала трансферот на Роналдињо од ПСЖ. Во исто време Кристијано Роналдо преговарал за трансфер во Манчестер јунајтед.

– Требаше да потпишеме договори со Роналдињо и Рафаел Маркез. Агентите на Маркез ни понудија фудбалер по име Кристијано Роналдо кој во тоа време играл за Спортинг Лисабон. Еден од неговите менаџери ни рече дека ќе ни го продадат за 17 милиони евра. Но, ние веќе инвестиравме во Роналдињо, ја одбив понудата и не жалам поради тоа – изјави Лапорта кој има огромни шанси по 24. јануари повторно да биде претседател на Барселона.