Жалбениот совет на Механизмот за кривични судови во Хаг ќе ја објави второстепената пресуда против поранешниот комендант на Војската на Република Српска генерал Ратко Младиќ денеска во 15 часот, објавено е на веб-страницата на Механизмот.

Судскиот процес против Младиќ трае 26 години, откако против него и Радован Караџиќ беше поднесено првото, тогаш обединето обвинение.

Петчлениот Жалбен совет попладнево ќе ја објави конечната пресуда против воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во ноември 2017 година, виновен за најсериозните воени злосторства за време на војната во БиХ, вклучително и геноцидот во Сребреница. И Обвинителството и одбраната на Младиќ ја обжалија пресудата.

После денешната пресуда, со која или ќе се потврди неговата вина или ќе биде поништена претходната пресуда, по 26 години ќе се стави точка на последното судење за геноцид на територијата на БиХ пред судот на Обединетите нации за поранешна Југославија.