Атанас Величков

Во 2013 г. британскиот конзервативен дневен весник The Telegraph објави една сторија за дозволените машки и женски фризури во комунистичкиот логор Северна Кореја. Речиси една година порано врховен лидер на истиот комунистички логор стана човекот со убедливо најглупава фризура на планетата Земја- Ким Џонг-ун.

Речиси десетина години подоцна Република Северна Македонија има насушна потреба не од дозволени машки и женски фризури, туку од список со „дозволени“ историски ликови. Треба да се знае, чии имиња, можат да бидат користени како патрони на бугарските здруженија, кои во последно време ја вознемируваат македонската новинарска, а не на последно место и хушкачко-научна фела.

Потребно е да се расчисти со тие дилеми. За да се дојде на главната тема. РС Македонија планира ли воопшто да ги започне суштинските преговори за влез во ЕУ или политичката елита во земјата одново ќе бара оправдувања за својата неспособност. Соработката со Бугарија ќе остане на ниво телефонски разговори со честитки или ќе се сработи нешто повеќе. Бугарите ќе продолжат ли да бидат синоним за фашизам, нацизам и хитлеризам или по нивен адрес конечно ќе се каже некој добар збор. Се разбира тоа не е задолжително, но ако втора вест во новинарските блокови на најгледаните телевизии е наездата на бугарски здруженија што ги носат имињата „докажани соработници на Хитлер“, тогаш навистина нема како да остане место за добриот збор. Кога вест ќе ти биде и дека некој се обидел да го украде главниот компјутер на мултимедијалниот Прличев во Охрид, работите стануваат уште потрагични и покомплицирани.

Ванчо Михајлов не чини, тој живеел доволно долго и оставил видео сведоштво за својата етничка припадност. Професорите Виолета Ачкоска и Никола Жежов, него и да сакаа не можеа да го македонизираат, или поточно речено рехабилитираат според едноставниот груевистички рецепт. Прво македонизираш, после рехабилитираш, како што се случи со претходникот на Михајлов – Тодор Александров.

Цар Борис III е исто така неподобен, бидејќи во негово време Царство Бугарија, станува дел од оската Рим-Берлин-Токио. Неколку месеци пред неговата смрт (28 август 1943 г.) на 10 март 1943 била извршена депортацијата на Евреите од Вардарска Македонија во логорот на смртта Треблинка. Се разбира, храбрите партизани, кои веќе успеале да создадат какви такви банди за борба против „бугарскиот фашистички окупатор“, не дале никаков отпор на таа акција спроведена од бугарската полиција, но пострашното е тоа, што ниту тогашната цивилна јавност не направила напор да го спречи тоа злодело.

Единствените комунисти, што се поодвратни од македонските, а имено бугарските, уште ги верглаат мантрите за тоа дека Бугарија во времето на царот Борис била управувана од монархо-фашистички режим, а храбрите бугарски партизани, се бореле против истиот, најчесто преку крадење на сирење и кашкавал од планинските бачила и со убиства на ранети германски војници во „славната акција на Рило-пиринскиот партизански отред“ крај селото Жабокрек во Бугарија. Убиените ранети германски војници, на плакатот за одбележувањето на овој „херојски“ настан, организиран од Бугарските социјалисти, се нарекуваат „хитлеро-фашистички окупатори“. Ако некој почне да им верува на бугарските комунисти, ќе излезе дека Германците биле окупатори и во сојузничка Бугарија. Но, тоа е друга тема.

Има излез од ситуацијата со забранетите имиња. На сцена можат да стапат дозволените имиња на еден куп комунистички предавници од Бугарија. Списокот е огромен верувајте.

Георги Мадолев бил бугарски комунист, партизанин, политички комисар на отредот „Јане Сандански“. Еден од главните спроведувачи на насилното запишување на Бугарите од Пиринска Македонија како етнички Македонци во периодот на т.нар. Културна автономија на Пиринска Македонија, најголемото комунистичко предавство извршено во Бугарија под водството на агентот на НКВД, тотален пијаница и раководител на Коминтерната Георги Димитров. На Мадолев му се препишуваат зборовите: „На кој не му се учи македонски јазик, ете му ја Бугарија“.

Фактот што Мадолев учествувал во македонизацијата на Бугарите во Пиринско, не му се одразува фатално за кариерата. Тој бил еден од сведоците против бугарскиот комунистички активист Трајчо Костов. Мадолев прави кариера во т.нар. Отечествен фронт, бил и на други партиски функции за време на владеењето на Тодор Живков. Напишал и книга за своето учество во партизанското движење во Бугарија насловена „Парапуновци“.

Добри Терпешев бил бугарски комунистички генерал, главен организатор на партизанското движење во Бугарија. Во 1924 – 1925 г. е политички раководител на Хасковската комунистичка чета „Христо Ботев“. За време на априлските настани во Бугарија во 1925 година бил осуден на смрт. Во затвор лежи до 1937 г. Во 1938 г. станал член на ЦК на БРП(к).

По соборувањето на владата на Иван Багрјанов води преговори со кабинетот на Константин Муравиев за мирно предавање на власта во рацете на Отечествениот фронт. Добри Терпешев е меѓу главните фигури при заземањето на власта на 9 септември 1944 г. Бил член на владината комисија која официјално ја предал административната власт во Егејска Македонија на партизаните од ЕЛАС во октомври 1944 г. Учествувал во делегацијта за потпишување на т.н. Московско примирие истиот месец. Бил учесник во делегацијата која присуствувала на второто заседание на АСНОМ во Скопје во декември, каде што одржал и говор.

Бил еден од критичарите на Владимир Поптомов (припадник на ВМРО-Обединета и партиски функционер на БКП), бидејќи последниот се противел на идејата за брзо присоединување на Пиринска Македонија кон Југославија и бил против Културната автономија спроведувана во тој дел на Бугарија. За разлика од Мадолев, Терпешев ги губи своите партиски позиции, бидејќи му се спротивставил на Тодор Живков, нарекувајќи го незначаен лик во бугарското движење на отпорот. Бил иселен од Софија и умрел во Плевен. Добри Терпешев бил познат и како исклучително глупав и ограничен човек.

Асен Koжаров/Чаракчиев бил бугарски комунистички функционер. Активист на ВМРО-Обединета. Бил избркан од Васил Хаџикимов од редакцијата на весникот „Македонска борба“. За време на судскиот процес во 1936 г, против ВМРО-Обединета во Бугарија, се изјаснува како Македонец. Еден од најактивните спроведувачи на насилната македонизација на бугарското население во Пиринска Македонија. По 9 септември 1944 г. бил секретар на Окружниот комитет на БКП во Горна Џумаја. Бил член на личниот кабинет на Тодор Живков. Работи во БАН и прави научна кариера во доменот на филозофијата. Наградуван со ордените Народна Република Бугарија I степен и Георги Димитров.

Кирил Николов Георгиев бил припадник на ВМРО-Обединета и партиски функционер на БКП. Учесник е во Македонскиот литературен кружок, заедно со Никола Вапцаров, Михаил Сматракалев, Антон Попов, Ѓорѓи Абаџиев и др. Бил обвинител во судот во Неврокоп по 9 септември 1944 г. Активен учесник во македонизацијата на бугарското население на Пиринска Македонија. Починал во Унгарија.

Георги Зајков познат како Гео Зајков со псевдоним Пирински бил бугарски комунист активен во САД. Бил член на Комунистичката партија на САД и секретар на Македонскиот национален сојуз создаден од Смиле Војданов, како пандан на МПО во САД. Заради комунистичката дејност што ја развивал во САД одлежал 10 години затвор. По излегувањето од затвор се враќа во Бугарија каде што и покрај своите македонистички позиции е пречекан од комунистите како херој. Прави кариера во апаратот на БКП, дури е предложен за амбасадор на Бугарија во Лондон, но неговата кандидатура е отфрлена од британските власти. Неговиот син Георги Пирински, беше претседател на бугарскиот парламент во периодот 2005-2009 г.

Изброените досега подобни историски ликови се само дел од плејадата комунистички предавници, кои и покрај својата антибугарска дејност успеале да изградат сериозни кариери во комунистичка Бугарија.

Списокот може слободно да се дополни со академикот Тодор Павлов од Штип, Димитар Станишев од село Штука Струмица, Михаил Сматракалев од Сер и уште многу други. Имиња на подобни Бугари, за патрони на идните удобни Бугари на власта во РС Македонија има доволно. Сите до еден идеолошки непријатели на Ванчо Михајлов.

Нема потреба од паника. Треба само да се издаде списокот со дозволените имиња. Пред извесно време во јавноста се појавија гласови дека никој во Македонија немало да има против, ако КЦ Иван Михајлов во Битола, го носел името на Пејо Јаворов. Тотална лага. Ќе се најдеше некој јунак како Чепреганов за да ни каже дека и Пејо Јаворов не чини, бидејќи бил близок пријател со Тодор Александров. Јаворов бил близок и со Гоце Делчев. Јаворов е човекот, што ги поврзува борецот за автономна Македонија и е македонскиот идентитет според ДПМНЕ и слугата на бугарскиот царски двор.

Издадете го списокот. Ќе биде сличен на оној од Северна Кореја со дозволените фризури, ама барем ќе ни се мавнете од глава со евтината антибугарска пропаганда продуцирана од најгледаните телевизии, чии главни уредници или веќе имаат, или пак неуспешно се обиделе да земат бугарски државјанства.

Здружение на Бугарите од Македонија Гео Зајков Пирински… колку гордо тоа звучи. Гордо и удобно, за сечии уши посебно за оние комунистичките, конвертирани во проевропски, проруски, просрпски, некогаш бугарски и засекогаш предавнички.