Последните случувања во политиката го доведуваат во прашање премиерот Албанец. Што ќе биде со овој договор, во случај да се прифати опцијата на проширена влада и во случај ДУИ да оди во опозиција. Потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми за ТВ21 изјави дека формирањето проширена влада за гласање на уставните измени не е поврзано со договорот во последните 100 дена од оваа влада премиерот да биде Албанец, што значи дека ќе треба прво да имаме проширена влада за уставни измени и да закажеме нови избори па потоа техничка влада со премиер Албанец.

„Тоа е политички договор што е прифатен од сите партии што го постигнаа тој договор, но за овие неодамнешни случувања велам дека во партијата сме на постојани средби и консултации со нашите меѓународни пријатели. 100-те дена немаат никаква врска со Влада која евентуално може да се формира по стапувањето во сила на уставните измени“, вели Арбр Адеми.

Адеми нагласи дека за ДУИ е важно уставните измени да се изгласаат и да стапат на сила и оти, според него, по изборите се одлучува кој ќе влезе во Владата.

„Дали ДУИ ќе биде во влада или не, секој пат ја почитуваше волјата на народот. Ние го истакнавме нашиот став, ја поддржуваме секоја иницијатива, но прво нека се изгласаат уставните измени и нека стапат на сила, нека се отвори европската перспектива за државата и граѓаните имаат можност да видат кој сака да влезе во Влада, која мисли за следните избори, а од друга страна кој мисли за идните генерации и перспективата на државата“, додава Арбр Адеми.

На прашањето дека во случај ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните парламентарни избори и да не ја избере ДУИ за коалициски партнер, Адеми рече дека и во минатото македонските партии барале ДУИ да оди во опозиција, но епилогот бил спротивен на тоа.

„Имавме можност да видиме во овие последни години на политички плурализам, особено по 2001 година, двете македонски партии често, не ретко, да се изјаснат ДУИ да оди во опозиција, а епилогот го видовте во овие 21 година. Така што додека Али Ахмети и ДУИ ја имаат поддршката од граѓаните, желбите на другите политички партии можат да останат само на хартија и во нивните умови“, вели Арбр Адеми.

Од друга страна, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, инсистира на следните избори повеќе да не важи принципот победник со победник и ДУИ да оди во опозиција.