По жестоката изборна кампања, Бразилците денеска излегуваат на гласање за да изберат нов претседател, а главни претседателски кандидати се актуелниот претседател, десничарот Жаир Болсонаро, и левичарскиот поранешен претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој беше на власт од 2003 до 2010 година.

Анкетите му даваат јасна предност на Лула, но Болсонаро претходно изрази сомневање за изборниот систем и навести дека можеби нема да ги признае резултатите од изборите, кои ја поделиа најголемата економија во Латинска Америка.

Во нивната последна дебата пред изборите двајцата кандидати меѓусебно се обвинија за корупција и малку разговараа за предлозите за управување со оваа јужноамериканска земја.

Болсонаро го нарече својот левичарски ривал шеф на криминална група која раководеше со „клептократија“ за време на двата негови претходни претседателски мандати и „крадец“ затоа што поранешниот претседател беше затворен за корупција.

Лула, кој има двоцифрено водство пред првиот круг на гласање, го нарече Болсонаро „бесрамен“ лажго чија влада прикрила мито за да купи вакцини за време на пандемијата со Ковид-19 во која загинаа повеќе од 680.000 Бразилци. Тој, исто така, го обвини за „геноцид“ за неговата колеблива политика во борбата против коронавирусот.