Германскиот министер за наддворешни работи Хајко Мас изјави дека денешната казна за рускиот опозиционер Алексеј Навални е „горчлив удар“ за владеењето на законите во Русија и побара негово итно ослободување.

Денешната пресуда за Алексеј Навални претставува горчлив удар против основните слободи и владеењето на законите во Русија, напиша Мас на Твитер.

Тој истакна дека гонењето на Навални е произволно.

Навални беше уапсен на 17 јануари откако се врати од Германија, каде се лекуваше по наводното труење со нервниот гас Новичок.

Според руските власти Навални и неговиот брат финансиски ја оштетиле компанијата Ив Роше, поради што беа осудени на 3,5-годишни условни казни, а руската Федерална казнено-поправна служба побара казните да се преиначат во казна затвор по враќањето на Навални во Русија. (МИА)