Ѓорѓи Кочов од денеска не е тренер на МЗТ Скопје Аеродром, откако со управата на клубот се договори за прекин на договорот со взаемна согласност, по вчерашниот неочекуван пораз на гостувањето кај Академија ФМП.

Двете страни се согласија дека се потребни промени во тимот, со цел да биде остварена целта, а тоа е атак на двете домашни пехари, како и борба за највисок пласман во АБА2-лигата. Кочов на клупата на МЗТ Скопје седна во април 2018 година на местото на Жељко Лукајиќ, откако неколку месеци претходно, во декември 2017 година, беше ангажиран како негов помошник. Тој ја освои шампионската титула во 2019 година, а беше морален шампион со МЗТ Скопје Аеродром и во 2020 година, кога беше прекинато првенството.

Екипата од денеска ќе работи под раководство на неговиот прв помошник, Дарко Радуловиќ, кој ќе ја има улогата на привремен прв тренер се до пронаоѓањето на ново име за оваа функција.