Македонија од април 2020 се уште нема испратено амбасадор во Бугарија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за бугарската БТВ вели дека за неколку дена треба да се утврди предлог за амбасадор кој ќе биде испратен во Софија.

„Навистина беше пропуст што сиве овие години ние немавме амбасадор таму. Немаме утврдено име. Јас се надевам наредните денови дека ќе имаме веќе еден предлог за амбасадор“, рече Бујар Османи, пренесува ТВ 21.

И бугарскиот премиер Петков по средбата со претседателот Пендаровски што ја имаше при посетата во вторникот во изјава за бугарските медиуми рекол дека очекува најдоцна за 60 дена Македонија да испрати амбасадор во Софија. Сепак предложениот кандидат треба да биде утврден на собраниската седница на Комисијата за надворешна политика, за што претходно министерот Османи, а и вчера вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во емисијата Клик плус на ТВ21 изјави дека претседателот на оваа комисија Антонио Милошоски ја кочи целата процедура за испраќање дипломати во неколку важни светски метрополи, со тоа што не свикува седница на Комисијата.

„Факт е дека има повеќе важни точки каде што, вклучувајќи го ете и Вашингтон и Софија каде што немаме испратено амбасадор, но имаше и објективни пречки, за таму каде што номиниравме амбасадор Антонио Милошоски преку Комисијата за надворешни работи да прави долготрајни блокади“, вели Бојан Маричиќ.

Целиот напис прочитајте го овде.