На добар дел од Охридското крајбрежје ова лето нема да има лежалки и шанкови, паркинзи и друга опрема. Локалните власти најавуваат дека најдоцна до 15 јуни ќе ги отстрани од плажите сите времени објекти и потоа ќе бидат регулирани со песок. Акцијата за уривање продолжи во средата, а досегашните концесионери на кои договорите им се истечени веќе неколку години обвинуваат за селективност и најавија тужба за општината.

Advertisements

„Се рушат шанкови кои беа направени со одобрение на Министерството за транспорт и врски, со целата документација. Тие дозволи на две години беа продолжувани и на нив се плаќаше данок. Меѓутоа, последните две години тие договори не се продолжија и сите тие шанкови кои се изградени на овој потег се прогласени за дивоградби“, вели Даница Бачевска-концесионер на плажа.

Експертите апелираат идниот изглед на плажите треба да биде во согласност со еколошките стандарди.

„Тоа значи, дека не може да имате плажа без санитарни јазли, без запазување на хортикултурата, без стандарди во изгледот на шанковите. Мислам дека некои мора да се урнат, ако е тоа цврста градба…“, вели Науме Мариноски-професор на факултет за туризам.

Пред почетокот на новата туристичка сезона, ситуацијата во Струга со судбината на десеттината плажи останува статус-кво. Градоначалникот Рамиз Мерко тврди дека во Струга нема дивоградби во заштитениот појас. Но и во Струга, исто како во Охрид на концесионерите им се истечени договорите.

„Најмалку што можат е да му пратат инспекциски служби и да ги констатираат тие неправилности, па врз основа на тие инспекциски надзори, да се покрене кривична пријава“, рече Драгана Велковска-Охрид СОС.

Според еден проект кој Факултетот за туризам од Охрид го изработи уште во 2002 година се предвидува плажите да бидат уредени само хортикултурно. Да се запазат сите санитарни услови и да се обезбедат места за одредени активности на гостите. Но, се случи сосема спротивно. На целото крајбрежје од Охрид до Струга беа изградени објекти од цврста градба.

Мики Трајковски