Писателот Салман Ружди е ставен на респиратор по операција која уследи откако тој беше нападнат додека се подготвуваше да одржи предавање во Њујорк. Агентот на Ружди соопшти дека писателот останува во болница со оштетен црн дроб и оштетување на нервите.

Advertisements

Полицијата го идентификуваше човекот за кој се сомневаат дека го нападнал Ружди на 12 август. Станува збор за дваесет и четиригодишниот Хади Матар од Њу Џерси. Тој беше уапсен на местото на настанот во Чаутаука, Њујорк од лица кои го обезбедуваа настанот.

Против Матар сè уште не е покренато обвинение; Полицијата им рече на новинарите дека допрва треба да го утврди мотивот.

Ендрју Вајли, агентот на Ружди, во изјавата рече дека Ружди бил опериран, има оштетен црн дроб и пресечени нерви на раката и дека најверојатно ќе го загуби едното око.

Осомничениот упаднал на сцената додека го претставувале Ружди и ги нападнал него и модераторот Хенри Рис, се вели во соопштението на полицијата на државата Њујорк.

Книгата на Ружди „Сатански стихови“ е забранета во Иран бидејќи многу муслимани ја сметаат за богохулна. Една година откако беше објавено во 1988 година, тогашниот ирански водач, ајатолахот Рухолах Хомеини издаде фатва односно јавен повик за убиство со парична награда./slobodnaevropa.mk/