Портпаролот на Кремљ, Дмирти Песков изјави дека денешниот напад врз руската амбасада во Кабул е терористички напад.

„Најостро ги осудуваме ваквите терористички акти“, рече Песков.

Зборуваше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој рече дека се зајакнати мерките за заштита на руската амбасада во Кабул, а објектот, меѓу другото, ќе го обезбедуваат дополнителни сили на талибанските власти и контра -разузнавачки служби на Авганистан.

„Веднаш беа преземени мерки за зајакнување на заштитата на надворешниот радиус, вклучени се дополнителни сили на талибанските власти и разузнавачките и контраразузнавачките служби на Авганистан“, рече Лавров пред средбата со министерот за надворешни работи на Таџикистан.

Да се надеваме дека организаторите на овој терористички чин и неговите извршители наскоро ќе ја добијат заслужената казна, изјави шефот на руското Министерство за надворешни работи.

Најмалку осум лица загинаа во експлозија во близина на руската амбасада во Кабул, јавува Ал Џезира повикувајќи се на извор од авганистанската полиција. Според медиумот, повредени се најмалку 15 лица.

Руското Министерство за надворешни работи потврди дека во експлозијата загинале двајца вработени во руската амбасада во Кабул. Како што се наведува, меѓу жртвите има и авганистански цивили, пренесува РИА Новости.

Министерството соопшти дека во 10:50 часот по локално време во Кабул, во непосредна близина на влезот на конзуларното одделение на руската амбасада во Кабул, „непознат милитант активирал експлозивна направа“.

„Како резултат на нападот загинаа двајца вработени во дипломатската мисија, а жртви има и меѓу авганистанските цивили“, додаваат од Министерството. Амбасадата е во близок контакт со авганистанските безбедносни служби, кои спроведуваат истрага. Засега не е соопштен идентитетот на руските жртви.