Пентагон оцени дека нема знаци дека рускиот претседател Владимир Путин одлучил да употреби нуклеарно оружје, јави денеска Си-Ен-Ен.

„Засега не можеме да кажеме дека претседателот Путин донел одлука за употреба на нуклеарно оружје“, рече портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Пет Рајдер на прес-конференција, еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден предупреди на опасноста од „нуклеарен Армагедон“. „Многу луѓе во нашата влада и меѓународната заедница, вклучувајќи го и министерот за одбрана Лојд Остин, укажаа на фактот дека ова мафтање со нуклеарната сабја е несовесно и неодговорно“, додаде Рајдер.

Според него, во моментов САД немаат никакви информации што би довеле до промена на „позицијата на стратешко одвраќање“. „САД продолжуваат да ги сфаќаат нуклеарните закани „многу сериозно“ и ќе продолжат да ја следат ситуацијата“, додаде Рајдер.