Одговорноста на опозицијата во однос на уставните измени е голема. Тоа во емисијата „Интервју на Шења“ го изјави министерот за локална самоуправа Ристо Пенов. Тој ги определи уставните измени, како бенигнен потег.

„Голема е одговорноста во моментов, Македонија ја има најголемата шанса да ги отпочне преговорите. Со еден бенигнен потег, да се вградат Бугарите во уставот, што нема да му направи никаква тежина на уставот, на нас идентитетски ништо не ни значи. Ние можеме друг наратив… ете сега конечно докажавме има Македонци има Бугари. Тезата бугарска отпаѓа.“, вели Пенов.

Пенов истакна дека ќе се измислат илјада работи за да не биде работата и го даде како пример проблематизирањето на влезот на Бугарите како конститутивен народ.
„Бугарите барале да бидат конститутивен народ. Е добро, а другите какви се, не се конститутивни? Штом влезеш во Уставот си конститутивен,сите права по национална основа ти следуваат. Сакам да кажам, ќе измислиме илјада работи за да не биде работата“, изјави Пенов.

Министерот за локална самоуправа додаде дека рејтингот на опозицијата е изграден на антиалбански, антибугарски и индиректен антизападен наратив.
„Едно се изборните желби, бидејќи рејтингот е граден на такви наративи. Значи антиалбанска, како беше Тиранска платформа, антибугарска, антизападна дефинитивно, затоа што овие две се во колизија со Западот.На тој план е издигнат рејтингот и сега отстапката значи пад на рејтингот. Кај се заглавуваш со такви тези?“, изјави Пенов.