Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими сојузната министерка за одбрана на Република Австрија, Клаудиа Танер која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, на која е разговарано за севкупната соработка меѓу двете држави во областа на одбраната.
Како што информираат од кабинетот на претседателот Пендаровски, двајцата соговорници разменија мислења и информации за реализацијата на планот за билатерална соработка во одбраната помеѓу двете земји за оваа година, кој содржи повеќе активности во областа на одбранбената политика, воената логистика, кризниот менаџмент, како и учеството на различни обуки и курсеви за стручно усовршување на воен персонал во повеќе области.
Претседателот Пендаровски оценил дека Австрија е меѓу најгласните поддржувачи за нашите европски интеграции и во таа насока се заблагодарил за севкупната австриска поддршка, вклучувајќи го процесот на реформи и развој во областа на одбраната и безбедноста, и изрази очекување за натамошно унапредување на билатералната соработка.