Пишува: Владимир Перев

Досијеата и патот кон Европа (1)

Како и сѐ друго во животот, така и досијеата водени од службите за безбеност си имаат свој животен пат и своја судбина. Најчесто се бесмртни, барем во некои свои делови. Остануваат вечно, како сведоштво на едно време и политиката во тоа време. Погрешно е мислењето дека досијета треба да се отвораат за да се види судбината на поединците заради кои се води досие. Тоа е само дел од проблемот. Тие треба да се отвораат за да се толкува времето во кое се водени, демакоратскиот капацитет на тоа време и методологијата на работа.

Досијеата водени во ФНРЈ/СФРЈ имаат своја методологија и свој животен пат. Секое досие на лице под сомневање на УДБ-а се води во три примероци: едниот примерок оди во досието во неговото родно место, вториот примерок во главниот град на републиката каде се формира (за нас конкретно Скопје) и третиот примерок во седиштето на Сојузната УДБ-а во Белград. Така било и во кралска Југославија, само што наместо република, (приближно) се викала бановина. Така е сѐ до 1974 година, кога се носат познатите Амандмани на Уставот на СФРЈ и тогаш престанува обврската да се испараќа примерок од материјалот во Белград, освен ако не се работи за случај на нарушување на Уставниот поредок на СФРЈ. Повеќето од материјалите испратени во Белград се разгледувани од тамошната служба за Аналитика при Сојузната УДБ-а, па потоа, забелешките како насоки да се вратат во Четврта управа во Скопје (Аналитика), за натамошно спроведување. Горе-доле, тоа е патот на досијеата за нас македонците, припадници на различни толкувања за судбината на народот во Југославија и титовата власт.

Кога говориме за Македонија, треба да се каже дека македонската УДБ-а не е само “ударна тупаница на партијата“, туку со тек на времето таа прераснува во нешто како фамилијарна коруптивна фирма, во која се работи семејно и организирано. Потомците на старите удбаши, читаат низ досијеата за не-делата на своите предци, па така почнува “сакатењето“ и “дополнувањето“ на досијеата, со цел да се прикријат злосторствата од минатото, а на несреќните носители на досије, да им се накалемат нови гревови. “Чистењето на досијеата“, што е само еуфемизам за крадењето на делови од нив, или само уништување на некои делови, почнува од Брионскиот пленум 1966 година и падот на Александар Ранковиќ. Тоа е крај на една ера и почеток на, навидум нова демократска политика во СФРЈ. Тогаш се расчистени некои од компромитирачките материјали во досијеата, од синовите и роднините на старите удбаши, кои со промените доаѓаат во Службата. Некои досијеа се начисто изнесени и изгорени, како неважни и без содржина. Така, интересен е примерот на еден бивш Јавен обвините на Македонија, роден во Полска. Неговите се бегалци од Граѓанската војна во Егејска Македонија и вратени во Југославија. Тој како дете се сеќава дека биле сослушувани во специјалниот одел во затворот Идризиво сите, цело семејство, но нема трага од записниците кои биле водени. Но, ако во Македонија биле уништени, во Белград сигурно не се уништени. Тамо стојат сите матријали, на сите државни безбености од 1918 година па до денес, а има и материјали по однос на револуционерното дело кај нас, уште од пред Илинденското востание-борби, распореди на чети, пари, дадено оружје…и што е најважно, дадени инструкции на поединци или организации. Приказните дека досијета на Сојузната државна безбедност се унишени низ пештерите во Босна за време на последната војна, се обична глупост за лековерните македонци. Сѐ си е на свое место, заштитено и обработено, во Белград се чува сѐ! Тоа е тајното оружје на империјалната Србија!

Во работата околу досијеата, треба да се внимава на мислењата на бившите полициски функционери. Љубчо Георгиевски, во својство на бивш премиер, во една своја изјава за Павле “реципроцитет“ Трајанов, , вели дека Трајанов и по касно Доста Димовска, како функционери во безбедносните структури, го излажале него како премиер, дека во Службата нема досијеа. Покасно се покажа дека ги има, па почна процесот на лустрација. Тука треба да се спомене и контроверзната изјава на српскиот министер Селаковиќ, дадена за БГНЕС во Софија -, дека досијеа “нема“, ама е “штетно нивното откривање“ ; што е штетно, ако го нема, ако не постојат. Затоа, прочитот на досијеата не треба да се остави на луѓе сврзани со тие служби, вклучително и новите кадри. Тие ќе го прераскажуваат минатото, а граѓаните ќе останат со убедувањето дека “такво било времето, но во општи линии, тоа било добро време“…да имало и некои кои пострадале, но во општо земено, југословенскиот режим “бил добар“ за граѓаните на Македонија.

Тоа е стапица, која треба да се одбегне, тоа е глорификација на минатото, на штета на сегашноста, борба меѓу спомените и реалноста, борба во која реалноста е секогаш губитник. Затоа, не треба да се чита кој удбаш какви глупости пишувал, или кој соработник нешто измислувал. Треба да се види технологијата: кој, кога, зошто и какви мерки применувал. Треба да се разоткрие технологијата на нивното создавање: кој, како ги создава, заради кои причини некој се следи и му се отвара досие, какви методи се применуваат и на каков начин се компромитираат “носителите“ на досието. Само така ќе се дојде до реалните состојби во нашата визија за едно минато време. И најважното, зошто досијеата не беа отворени цели триесет години, а некои сѐуште се затворени? Тогаш ќе има реална проценка и осуда на минатото, неопходност на патот кон европската иднина.

Да, имаше процес на лустрација, но неговата цел беше подруга од погоре изнесеното. Во некои моменти таа се покажа бессилна. Некои од лустрираните тужеа и ги добија делата на суд, по разни основи. Тоа е најмалиот проблем. Така не се доаѓа до вистината, ниту за лустрираните, ниту за системот.

Индикативен е примерот со Методи Димов-Габерот. Роден во Битола, суден заради “антидржавна дејност против ФНРЈ“, политички емигрант низ Европа и човек близок со Ванчо Михајлов. Еден од основачите на друштвото “Тодор Александров“ во Брисел. Напријател на “нашиот’ социјализам и на југомакедонизмот како национална идеологија. Човек со сериозно оштетен вид, речи си тотално слеп. Прононсиран бугарин. Некаде пред 1998 година, значи по распадот на Југославија и системот, доаѓа во родната Битола, на средба со роднините. Тогашната Служба за државна безбедност, раководена од Добри Величковски го апси во Битола, го носат на непозната локација (тој е слеп, не може да види) и десетина гласа, припадници на службата го сослушуваат речиси едно деноноќие. Прашањата се насочени не само кон неговото “бугарофилство“, ами најмногу кон ликот и делото на Ванчо Михајлов и неговото опкружение, и најмногу, кон неговата “антијугословенска и антититовска“ дејност. Тој ја дава неговата позната изјава “нека двама братя да живеят в различни къщи, но да се обичат и уважават“, ама тоа нема ефект. Низ неговот досие се замешани прстите на КОС и македонските структури, кои сеуште се зависни од југословенските позиции по однос на македонското прашање.

Затоа е важно отворањето на досиејата од КОС. Затоа што најжестоките кодоши, удбаши убијци и слични на нив, станаа лидери, познати лидери, како во Титовата Југославија, така и потоа. Многу од нив, некои и воени злосторници, станаа “разузнавачи, аналитичари и геостратези“, но со јасна заштита на бившиот југословенски режим во Македонија. Таму треба да се бараат причините зошто се следени луѓето, зошто се убивани, ликвидирани, дури и комунисти-членови на СКЈ и СКМ. Ние сме сто години поврзани со Белград. Од наш интерес, од интерес на нашата демократија е да се расветлат состојбите за тоа, како Аркан со одобрение на Стане Доланц ги изврши сите злодела низ Југославија. Може да си ја слушаме Цеца како пее, ама да се заинтересираме, како и кој го уби Чурувија, како Милошевиќ го “разреши“ проблемот со Иван Стамболиќ и како сето тоа некој го става во заборав. Затоа треба да се инсистира на досиејата од КОС, вистината за цела Југославија, ќе донесе вистина и за Македонија, вистината за начинот на работа и живот на еден злосторнички режим, поддржуван и од Исток и од демократскиот Запад, само и само Тито остане “неопределен“. Крвта на невините жртви, од Голи оток, па се до Идризово, беше вткаена во многу славениот “црвен пасош“ со кој се патуваше низ Европа…тој пасош беше крвавата трага на политичките злосторствата на системот.

Оној кој ќе седне на “бугарското столче“ во македонскиот парламент, ќе треба да се заложи за препотврдување на работата на Комисијата за лустрација и отворање процес за соработка со српските власти околу отворањето на досијеата, специјално оние на КОС и УДБ-а. Да се отворат за Македонија и за состојбите во Западните покраини. Тоа ќе може само во содејство со бугарското МНР, како нивна превасходна, првостепена задача. Желбата на структурите во македонското општество и директните замешателства на службите од Русија и Србија, влијаат на општественото и политичко мнение во Македонија. Се форсира политиката, на секој начин да се овозможи, Србија без пречки од Македонија или Бугарија да влезе во Европската унија. Русија и Србија водат далекусежна политика на деструктуирање на демократските, проевропски елементи во Македонија и Бугарија, и затоа треба да се дејствува, за да се предупредат идните негативни последици.

Досијеа во начело не се отвараат само во Велика Британија и Русија, веројатно и во Кина. Тие земји се империи. Во Британија има верност кон кралицата, во Кина кон сопствениот империјализам и минато, а Русија има визија за освојување и пљачка на Европа. Затоа, заради наследството на руските императори и ленинистите-сталинисти, ние го добивме Путин. Србија сака да биде империја, ама само нам овде може да ни покажува сила и политика. Треба да се бара од неа, да ги исполни своите европски задолженија, ако сака да оди понатаму. Веќе никој не може да се крие, во Србија и кај нас, заради некаква “заштита на повисоки државни интереси“. Таа држава, СФРЈ/СРМ пропадна и нема веќе никакви интереси за заштита.

Во контекстот на ова, лажни се било какви дилеми дека со нови избори, ќе се добие нешто ново на овој план. Дури и ако Мицковски стане иден премиер, ќе биде должен да го испорача бараното, кое е многу повеќе од кажаното во овој текст. Ако не го направи тоа, тој е загубен, пропаднат. Да се надеваме дека со себе нема да ја повлече и целата држава и целиот овој напатен народ.

Досијеата се водени заради некаква “правда“, сега самите тие ја бараат вистинската правда. Кругот треба да се затвори!