Освен за време на 20-дневната кампања, политичките партии заборавија на пандемијата и при славењето по објавувањето на изборните резултати. Со излегувањето на првите преброени гласови, во партиските штабови и плоштади веднаш почна организирање прослави. Ретко кој носеше маска и држеше дистанца. Епидемиологот Невзат Елези смета дека протоколите за заштита од коронавирус не се запазени. Тој изрази загриженост дека прославите можат да ја влошат епидемиолошката состојба во земјава.

-Од она што го видовме преку медиумите, забележавме дека на некои места за време на прославите и собирите не беа запазени мерките кои се на сила, немаше дистанца и не се носеа заштитни маски. Некои поединци ги прекршија протоколите и според она што го препорачува Министерството за здравство и Комисијата, стравуваме дека можеби наредните денови ќе има зголемување на бројот на заразени-рече Елези.

Елези вели дека учесниците во овие партиски активности се најактивните граѓани во општествениот живот, меѓутоа не верува дека некој заразен излегол да слави. Колективната свест е зголемена, додава тој.

-Луѓето кои чувствуваат некои симптоми или нешто од симптоматологијата на Ковид не учествуваат активно во овие собири, односно остануваат изолирани дома. Не верувам дека некој од нив бил дел од овие собири-вели Елези.

Инаку, без маски и дистанца, со прегрнување и ракување, невакцинирани на отворено и во затворени сали, можеше да се забележи за време на целата предизборна кампања.