Владата ќе ги обештети само оние угостители кои во Централниот регистар се регистрирани со приоритетна дејност служење храна и пијалоци. Сите останати кои се заведени под други шифри нема да добијат можност за финансиска помош од шестиот пакет мерки.

Advertisements

„Ако главна дејност им е угостителството тогаш значи дека целосно биле затворени од страна на владата и целосно ќе бидат поддржани од страна на владата“, рече Крешник Бектеши министер за економија.

прашање: значи ако главна дејност не им е угостителството нема да може да земат пари?

„Согласно јавниот повик не“, додава Бектеши.

Ваквата одлука, Независната угостителска комора ја оценува како дискриминаторска и апсурдна. Угостителите јавно ја прашуваат власта, дали рестораните, баровите и кафеаните беа затворени со некаква шифра или требаше сите да престанат со работа.

„Сметам дека е голема неправда доколку мисли владата, државата или било кој министер дека со одлука ќе се додели само на еден а сите останати ќе останеме како набљудувачи од страна и ќе гледаме како тие пари ги насочуваат за друга намена. И потоа ќе ни кажат дека сме ги искористиле максимално и ни дале се она што нас ни следува“, рече Здравко Јосифовски претседател на НУК.

Угостителските објекти со одлука на Владата беа затворени два пати од по неколку недели. И покрај тоа што властите уверуваа дека сите угостители ќе бидат обештетени, од фелата тврдат дека тоа не е така. Инаку денеска владата објави огласи за аплицирање за државна помош и за останати дејности погодени од кризата, како ноќни барови, диско клубови, теретани, игротеки и детски одморалишта.

Иле Петревски