Експедицијата на Јувентус мораше да го одложи гостувањето во Милано на неодредено време, каде ги чека големо дерби во Серија А в среда на 6 јануари, кое воедно може да биде и клучно во борбата за „Скудетото“.

Неодамнешните тестови покажаа дека уште двајца фудбалери на „Старата дама“ се позитивни на коронавирус, а тие се Хуан Квадрадо и Алекс Сандро.

Оттаму управата на клубот реши да почека со патувањето на „Сан Сиро“ за да види како ќе се развива ситуацијата во наредните часови, па најверојатно ќе се качат во автобусот на денот на натпреварот, кој започнува во 20.45 часот.

Сандро беше позитивен на тестот во понеделникот, а Квадрадо во вторникот, но желбата на сите во клубот е да се одигра овој натпревар и да нема одложување. Нова серија тестови се очекува да следат во среда наутро, за да се процени ситуацијата.

Познато е дека Пауло Дибала и Кристијано Роналдо имаа проблем со коронавирусот во таборот на италијанскиот шампион сезонава. Во пресрет на овој меч, Милан е прв со 37 бода од 15 натпревари, Јуве има десет бода помалку, но и една средба помалку.