Биткоинот во долгорочна перспектива може да ја надмине границата од 146.000 долари, во позадина на истиснувањето на златото како алтернативна валута, соопшти денеска Блумберг повикувајќи се на аналитичари од „ЏП Морган”.

Според нив, за да кореспондира со општите инвестиции во злато, златни прачки и монети што приватниот сектор ги прави на берзите, денешната пазарна капитализација на биткоинот во висина од 575 милијарди долари може да порасне за 4.6 пати.

-Истиснувањето на златото од местото што го има како „алтернативна” валута, зборува за големиот потенцијал на растеж на вредноста на биткоинот во долгорочна перспектива, сметаат аналитичарите.

Тие истакнуваат дека приближување на променливоста меѓу биткоинот и златото нема да се случи набргу. Тој процес може да потрае неколку години, затоа “теоретската таргетна цена на биткоинот од над 146 илјади долари треба да се разгледува како долгорочна цел, неостварлива во годините што доаѓаат”.

Притоа, аналитичарите од „ЏП Морган” претполагаат дека во позадина на „шпекулативната манија”, цената на биткоинот во блиска иднина може да порасне од 50.000 до 100.000 долари, но дека тие цени нема да бидат одржливи.

Цената на биткоинот денеска, на 5 јануари, на тргувањата на криптовалутната берза „Binance” е на нивото од 31.700 долари. Биткоинот почна забрзано да расте при крајот на 2020 година, и за еден месец криптовалутата поскапи за повеќе од 70 отсто. На 3 јануари цената на биткоинот за еден момент го надмина историскиот рекорд и достигна 34.000 долари, а на 4 јануари неговиот курс се намали за 14 отсто.

Извор:МИА