Една година од отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Никогаш не се поколебавме во европската иднина на нашата држава. Покажуваме високо ниво на подготвеност на нашата администрација во рамки на скрининг процесот, објави на официјалната Фејсбук страница шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Османи додава дека „посветено, во континуитет, работиме за повеќе интеграција и бенефити за нашите граѓани долж патот кон полноправното членство во ЕУ“.
-Уверени дека актуелниот моментум, да бидеме на брзата патека кон ЕУ, не смее да се пропушти. Ни претстојат уште неколку месеци за да се подготвиме за отворањето на кластерите и поглавјата и да го продолжиме преговарачкиот процес. Клучот е кај нас, потребно е сите да покажеме политичка одговорност, зрелост и одговорност кон сегашноста и иднината на земјата, напиша Османи.
Тој упати благодарност до нашите европски пријатели за нивната недвосмислена поддршка на нашиот пат кон ЕУ, што, како што наведува, е гаранција за долгорочна стабилност, економски развој и консолидација на правната држава