При метежот и судирите пред Капитолот загинаа четири лица, вклучувајќи и жена застрелана од силите за безбедност, додека во непосредна близина на палатата биле откриени и деактивирани две експлозивни направи

Можно е Трамп да не издржи на функцијата ни до крајот на мандатот на 20 јануари, бидејќи конгресмени најавија постапка според Амандманот 25 од Уставот на САД, во кој е предвидено предвреме да заврши мандатот на претседателот ако се покаже дека тој дејствува непромислено или дека не е физички или ментално способен да ја извршува функцијата

Со четири загубени животи, со упад на толпа во Капитолот во Вашингтон и со повици за итно разрешување на претседателот поради непресметливост и повик за државен удар, Америка го преброди веројатно најцрниот ден во својата демократска историја.

Иако толпата приврзаници на претседателот Доналд Трамп како дива орда се проби во Капитолот по неговиот повик за бунт против „изборната кражба“, конгресмените и сенаторите по неколкучасовен прекин вчера ја завршија постапката што требаше да биде церемонијална – ја ратификуваше победата на демократскиот кандидат Џо Бајден на претседателските избори одржани во ноември.

Спроти почетокот на заедничката церемонијална седница на Претставничкиот дом и на Сенатот, претседателот Трамп побара од „патриотите“ да се кренат против „изборната кражба“, по што толпа од илјадници негови приврзаници што демонстрираа пред Капитолот ги пробија заштитните огради и на сила упаднаа во законодавниот дом на Капитол Хил, веејќи национални знамиња на САД, но и на Конфедерацијата и од предизборната кампања на Трамп. Група од нив настојувала да се пробие и во салата во која гласаа конгресмените, но била спречена од обезбедувањето, кое ја забарикадирало вратата и биле спремни да отворат оган од рачното оружје.

Полицијата и службите ги истерале натрапниците од зградата на Конгресот, а потоа специјалци од државните служби за безбедност ги потиснаа демонстрантите на безбедно растојание од Капитол Хил. Гувернерот прогласи полициски час, кој ќе остане на сила до 21 јануари, ден по инаугурацијата на новиот претседател Џо Бајден.

Откако ситуацијата се смирила, конгресмените се вратија на седницата и ја ратификуваа победата на Бајден.

При метежот и судирите пред Капитолот загинаа четири лица, вклучувајќи и жена застрелана од силите за безбедност, додека во непосредна близина на палатата биле откриени и деактивирани две експлозивни направи. Биле приведени 53 луѓе, од кои 47 поради кршење на полицискиот час.

– Оние што направија хаос денеска во Конгресот се губитници – изјави потпретседателот Мајк Пенс, а Мич Меконел, лидер на републиканците во Сенатот, нередите ги нарече „неуспешно востание“.

– Нема да се подведеме и да потклекнеме пред aгресивна толпа… и ќе го одбраниме нашиот Устав – истакна Меконел.

Одговорноста за нападот му беше префрлена на претседателот Трамп, кој дури и при невештиот обид да ги повика своите приврзаници да си заминат, нив ги нарече „патриоти“ и повторно обвини „зли сили“ за „изборната кражба“ – теорија во која не веруваат ниту неговите сопартијци.

Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност, го нарече 6 јануари 2021 година „најтажниот ден во американската историја“.

– На Трамп му остануваат уште 14 дена мандат – истакна Болтон.

Но, можно е Трамп да не издржи на функцијата ни до крајот на мандатот на 20 јануари, бидејќи конгресмени најавија постапка според Амандманот 25 од Уставот на САД, во кој е предвидено предвреме да заврши мандатот на претседателот ако се покаже дека тој дејствува непромислено или дека не е физички или ментално способен да ја извршува функцијата. Ако претседателот ги отфрли таквите тврдења, тој сепак може да биде отповикан со двотретинско мнозинство гласови во Претставничкиот дом и во Сенатот.

При такво сценарио, кое, сепак, вчера беше оценето како малку веројатно, претседателската функција на десетина дена би ја презел потпретседателот Мајк Пенс, пред официјално да му ја предаде на новоизбраниот претседател Бајден.

Трамп веќе беше блокиран на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук, чии администратори оценија дека со споделувањето лажни информации за „украдените избори“ како факти, претседателот може да предизвика нереди.

Трамп ветува: Транзицијата на 20 јануари според прописите

Откако Конгресот ја потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори, претседателот Доналд Трамп изјави дека транзицијата на власта на 20 јануари ќе биде во согласност со прописите.

Трамп истакна дека одлуката на Конгресот претставува крај на „најголемиот прв мандат“ во претседателската историја.

– Иако воопшто не сум согласен со исходот од изборите и фактот дека ме поддржуваат, сепак ќе има уредна транзиција на 20 јануари. Иако ова претставува крај на најголемиот прв мандат во претседателската историја, тоа е само почеток на нашата борба за Америка повторно да ја направиме голема – истакна Трамп.

Демократите го преземаат и Сенатот

Со победите на нивните кандидати на изборите за сенатори во Џорџија, демократите се на прагот да го преземат мнозинството во Сенатот на САД.

Демократот Рафаел Варнок прогласи победа во трката со својата републиканска противкандидатка Кели Лефлер за едно од двете места во Сенатот на изборите во сојузната држава Џорџија. Варнок стана првиот афроамерикански сенатор избран во Џорџија. Во тесно водство, според првичните резултати, беше и демократот Џон Ософ против републиканецот Дејвид Пердју.

Ако бидат потврдени овие резултати, демократите и републиканците ќе имаат по 50 сенатори, а во случај на нерешен исход при гласања, конечниот глас го дава потпретседателот – во овој случај демократката Камала Харис