Обединетите нации на едногодишнината од руската агресија усвојуваат Резолуција за мир во Украина. Според првиот човек на организацијата, Антонио Гутереш оваа војна го одвлекува вниманието од други светски кризи и ги поттикнува глобалните тензии.

„Во меѓувреме, ги слушнавме имплицитните закани за употреба на нуклеарно оружје. Таканаречената тактичка употреба на нуклеарно оружје е крајно неприфатлива. Крајно време е да се повлечеме од работ“, рече Гутереш.

„И она што стана повеќе од очигледно во овие последни 12 месеци е дека оваа војна не е само за самата Украина, туку и за многу фундаментална работа. Станува збор за принципот на територијален интегритет содржан во Повелбата на Обединетите нации“, рече Дмитро Кулеба – министер за надворешни работи на Украина.

Спротивно од ваквите пораки, рускиот претседател на празникот на одбранбените сили, најави нови инвестиции во воената инфраструктура. Првиот човек на британската одбрана пак, е песимист дека наскоро може да настапи мир во регионот.

„Со посебно внимание, како и порано, ќе работиме на зајанување на нуклеарните капацитети“, нагласи Путин.

„Неговата првична намера минатиот 24-ти февруари беше да окупира осум главни цели, сите големи градови за три недели, да го има Киев за три дена и сè да биде готово. Па, неговата тридневна офанзива се претвори во офанзива од 365 дена и сè уште не е остварена ниту една од неговите цели“, рече Бен Волос – министер за одбрана на Велика Британија.

Според западните разузнавачки информации, руската војска наголемо се подготвува за скорешна офанзива на источниот и јужниот фронт и за таа цел веќе подолго време трупа стотици илјади војници на границата. Во исто време, Украина бара НАТО и другите западни држави што побрзо да ѝ достават оружје, особено тенкови и авиони.

Лука Андреев