Борбите се уште траат во неколку делови на етиопскиот северен регион Тиграј и на речиси 2,3 милиони луѓе или речиси половина од населението им е потребна помош, се вели во извештајот на ОН.

Во најсеопфатната јавна проценка на хуманитарната состојба во Тиграј од почетокот на конфликтот на 4 ноември, која беше објавена синоќа, се наведува дека резервите на храна се многу ограничени, дека грабежите се чести, а несигурноста е голема.

ОН наведуваат дека хуманитарната состојба е тешка и дека два од четири бегалски кампови се уште не се достапни. Биле забележани борби во руралните области и предградијата на главниот град Мекела, како и на некои други локации.

Оштетени се училишта, болници и административни канцеларии, а само пет од 40 болници се физички достапни, а уште четири преку мобилни мрежи. Залихите во болниците се ограничени или нема, а има и недостиг на медицински персонал.

Таа ситуација може да се совпадне со масовно зголемување на бројот на заразени со Ковид-19, се вели во извештајот.