Турција продолжува да ги брои жртвите од разорниот земјотрес што пред една недела ги погоди југоисточните региони. Бројот на загинати речиси се приближува до бројката од 40 илјади, но може и да не биде конечна зашто се суште не се расчистени урнатините од илјадниците станбени згради срамнети со земја. Во меѓувреме, спасувачките тимови од многу земји ширум светот продолжуваат со напорите да ги спасат сите преживеани, иако шансите се веќе сведени на минимум.

По 158 часа, поминати под урантините, спасувачките екипи од Таџикистан извлекоа живо 3-годишно дете.

Спасувачките екипи успеале да ја извлечат жива и Наиде Умај, која помина 174 часа под урнатините.

Во турските региони погодени од земјотресите од 7,8 и 7,5 степени, тим од Шпанија заедно со турските спасувачи успеаја да извлечат уште една жена која била под урнатините повеќе од 144 часа.

Турците се огорчени кон шефот на државата затоа што и покрај алармот никој не дошол да им помогне. Таков е случајот со Зафер Бончук, кој вели дека никој не дошол да ја спаси неговата мајка која сè уште била жива под урнатините.

„Нашата славна татковина сега заврши. Што ќе се случеше ако беше мајка ти, драг Реџеп Таип Ердоган? Што се случи со тоа да се биде светски лидер? Каде си? Доста ни е од одговорните. Уморни сме и заситени од одговорните. Доста! Сите спасувачи дојдоа овде за туристички патувања. Не сакаме храна, не сакаме помош. Сакаме нашите животи да бидат спасени“, реагира Зафер.

ОН предупредија дека најмалку 870.000 луѓе имаат итна потреба од храна во погодените региони на Турција и Сирија. Само во Сирија до 5,3 милиони луѓе останаа без покрив над главата. Земјотресите ја погодија југоисточна Турција и северна Сирија на 6 февруари.