Како се наближува вообичаениот старт на сезоната, од туристичкиот сектор во Охрид и Струга се сè поголеми песимисти дека работите ќе бидат подобри во однос на ланската година. Ситуацијата со Ковид 19, постојаниот пораст на бројот на заразени, немањето на вакцини само ја усложнува и така лошата ситуација во туризмот.

„Ќе бидеме отворени само со две три држави. Република Србија, Албанија и можеби Црна Гора и Косово. Ќе примаме гости и ќе можеме да испраќаме гости во овие држави. Така да ќе мора да се концентрираме на балканските држави, меѓусебно да се поддржуваме за туристичката сезона“, рече Филип Стефаноски, тур-оператор.

– Advertisement –

Засега не може да се зборува за гости од западно-европските држави или од подалечните дестинации.

„Во контакт со нашите партнери од странство од Азија и Европа, ние сме на црвена листа поради малиот број на имунизирани лица…“, додава Стефаноски.

„Моментално мерките се многу олабавени. Доколку се преземе од страна на епидемиолошката комисија некоја мерка, барем да стигнеме до оној момент кога ќе започне сезоната, барем да бидеме уверени дека би се движеле во безбедна зона“, рече Климент Наумов-туристички водич.

Туристичките работници ја повикуваат државата уште отсега да им достави здравствени протоколи за безбедно функционирање претстојнава сезона. Инаку, голем број на аранжмани за почетокот на сезоната веќе се откажани, а од холандските гости чијшто број до 2019 беше 40.000 во сезона, сега има само 1.000 резервации. Но, ниту тие не се сигурни.

Мики Трајковски