Тројца судии од Окружниот апелационен суд во Вашингтон ја промени одлуката на нижиот суд кој ја одложи смртната казна на Лиза Монтгомери, единствена жена која чека погубување по федералниот закон и го потврди датумот за погубување за крај на јануари.

Лиза Монтгомери треба да биде погубена непосредно пред инаугурацијата на избраниот претседател Џо Бајден, кој се обврза дека ќе ја укине смртната казна, пренесува Си ен ен.

Погубувањето на Монтгомери било закажано за 8 декември, но судијата тоа го одложил откако нејзините адвокати рекле дека ѝ е дијагостициран ковид-19.

Директорот на Федералното затворско биро, Мајкл Карвахал, на 23 ноември ја закажал егзекуцијата на  Монтгомери за 12 јануари. Во налогот од петок се наведува дека постапувал според „управниот пропис“ кој му овозможил да го одложи извршувањето на смртната казна, зашто првобитниот датум на извршување не поминал.

Адвокатката на Монтгомери, Меган Вергов, изјавила дека не се согласува со судиите и дека ќе поднесе барање за преиспитување на одлуката.

„Од сојузната влада мора да се бара да го почитуваат законот при одредување на било-кој датум за погубување, како што правилно сметаше окруниот суд. Со оглед на се што знаеме за менталната болест на Лиза Монтгомери, нејзиното стравично мачење и траума и бројните луѓе на власт кои можеа да интервенираат за да ја спасат, но никогаш не го направија тоа, не може да има принципиелна причина за да се изврши нејзиното погубување. Владата би требала да ги сопре своите неуморни напори да го заврши нејзиниот живот“, рекла Вергов.

Таа побарала од претседателот Доналд Трамп да ја промени смртната пресуда на Монтгомери во доживотен затвор без можности за условен отпуст.

Монтгомери ќе биде прва жена која е погубена од американската влада од 1953 година.

Осудена е во 2004 година поради убиство на една жена од Мисури која била во осмиот месец на бременост, потоа за вадење на бебето од стомакот и киднапирање. Бебето преживеало.

Последната жена која била погубена од американската влада била Бони Браун Хеди во 1953 година. САД истата година ја погубиле Етел Розенберг поради шпионажа.