Новак Ѓоковиќ беше најголем поборник технологијата да ги замени линиските судии во Мелбурн.

Организаторите на првиот годинешен грен слем турнир и официјално одлучија да нема линиски судии.
Со овој потег, организаторот го прифати предлогот на Новак Ѓоковиќ да нема линиски судии, додека најголем противник за ова беше Рафаел Надал.

Линиските судии на терените во Мелбурн ќе бидат заменети со технологија, односно „Hawkeye“ системот кој ќе проверува дали топчето удрило во линијата или излегно надвор од теренот.
Оваа одлука е донесена поради страв од евентуално ширење на коронавирусот на Австралија Опен, но и со цел да се намали бројот на луѓе на терените.

На УС Опен, Новак Ѓоковиќ иако беше главен фаворит за титулата, беше дисквалификуван бидејќи со топчето ја погоди линиската судијка во вратот. Организаторот не го прифати неговото оправдување дека топчето не го удрил намерно, и според пропозициите – го дисквалификува.  Токму затоа медиумите низ светот овој потег на организаторот на Австралија Опен го протолкуваа како освета на Ѓоковиќ за дисквалификацијата на УС Опен. 

– Многу сум критикуван бидејќи реков дека треба да се размисли за укинување на линиските судии. Тоа мислење го имам веќе неколку години и нема никаква врска со мојата дисквалификација на УС Опен. Не сум човек кој ја обожува технологијата и не може да живее без неа, но мислам дека во тенисот може да биде ефикасна – беа зборовите на Ѓоковиќ по УС Опен.

Австралија Опен треба да започне на 8. февруари и ќе се игра со 21. истиот месец, но претходно тенисерите мора да поминат две недели во задолжителен карантин.