Прелиминарните податоци за вакцината „Ковидшилд“, што ја изработија Универзитетот во Оксфорд и фармацевтската компанија „АстраЗенека“, покажаа дека таа обезбедува ограничена заштита против послабата форма на јужноафриканскиот вид на коорнавирус.

Фармацевтската компанија, меѓутоа, додаде дека се уште не утврдила дали вакцината штити од појаката форма на Ковид-19, предизвикана од позаразниот вид од Јужна Африка, јави денеска Би-Би-Си.

Прелиминарните податоци од студијата, спроведена на малку над 2.000 лица, покажуваат дека се уште не е направена целосната студија, а резултатите треба утре да бидат објавени.

Во Велика Британија досега се откриени повеќе од 100 случаи на зараза со јужноафриканскиот вид на коронавирусот.

Портпаролот на „АстраЗенека“ изјави дека компанијата се уште не може да утврди дали вакцината може да го спречи развојот на потешката форма на Ковид-19, предизвикана од јужноафриканскиот вид, бидејќи студијата е направена главно на помлади, здрави луѓе.

Компанијата, истовремено, соопшти дека е убедена дека вакцината обезбедува заштита од посериозните случаи, бидејќи создала антитела слични на оние произведени од други вакцини против коронавирус. (МИА)