Локалните медиуми и регионалните власти на Киев утрово соопштија дека главниот град на Украина ноќеска повторно бил на удар на руските сили, пренесува „Гардијан“.

Регионалниот гувернер на Киев, Олексиј Кулеба, во објава на Телеграм рекол дека спасувачите се на терен, без да ја соопшти локацијата која била цел на руските напади.

„Русите ноќеска го тероризираа регионот на Киев. Спасувачите и сите служби за итна помош се на терен. Елиминацијата на пожарот и последиците од ударот е во тек“, напишал Кулеба на Телеграм.

Градската управа на Киев ноќеска околу полноќ издала предупредувања за воздушен напад во кои ги повикала жителите да бараат засолниште.

Според извештаите, руските сили, наводно, го погодиле и југоисточниот украински град Запорожје во, како што се тврди, уште еден напад во текот на ноќта.

Вршителот на должноста градоначалник на Запорожје, Анатолиј Куртев, изјави дека руските сили го погодиле градот како и неговата околина, предизвикувајќи пожар.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела информира дека 30 отсто од електраните во земјата се уништени во руските напади од 10 октомври наваму.