Полипот наизглед е блед, мазен, стаклест, во форма на грозд, нечуствителен на допир, прекриен со нормален респираторен епител, кој воедно е оскудно снабден со крв.

Полипи во носот или медицински кажано – носна полипоза се меки израстоци во внатрешноста на носот или во носните ходници. Тие се бенигни и со тенденција за брз раст.

Полипот наизглед е блед, мазен, стаклест, во форма на грозд, нечуствителен на допир, прекриен со нормален респираторен епител, кој воедно е оскудно крвоснабден.

Полипите се јавуваат самостојно или се формираат во многу брзо време од мал полип – гроздеста полипоидна форма. Честопати кога се гроздести ја менуваат и формата на носот. Пациентот првично чувствува отежнато дишење на нос со различен интензитет – понекогаш потешко дишење еднострано или понекогаш – двострано. Пациентите поради недоволен проток на кислород имаат перзистентни или главоболки кои се чести. Зголемена е носната секреција (зголемен исцедок од носот), хипоосмиа (намалено чувство за мирис) или аносмиа (комплетно губење на мирис)… Сето наведено укажува на носна полипоза или присуство на полипоидни формации во сино-назалниот регион. Мора да напоменам доколку секретот од носот е густ и пребоен укажува на бактериска инфекција. Во тој случај е неопходно земање брис од нос за да се докаже бактериската инфекција кај пациентот, како и антибиограм – со кој се укажува на кој антибиотик точно реагира бактериската инфекција.

Кои луѓе спаѓаат во ризични групи?

Најголема опасност од настанување на носни полипи имаат лицата кои боледуваат од хронична алергија и инфекција на синусите. Носната полипоза се смета за комплицирана форма на риносинузит, која може да постои како изолирано заболување или здружено со бронхиална астма.
Болеста е ретко присутна во детската популација, освен кога е придружно заболување на некоја системска болест – како што е цистичната фиброза или муковисцидоза (која се наследува генетски – автозомно рецесивно).

Цистичната фиброза е ретко системско заболување каде сите жлезди со надворешно лачење имаат изобилие на густ, леплив секрет, децата имаат силни кашлици, дефецираат често (имаат чести столици), кои се масни и со доста непријатен мирис. Затоа, кога родителот ќе дознае дека неговото дете има носна полипоза неопходно е да се направи педијатриско испитување за да се исклучи цистичната фиброза.

Типови на полипи и симптоми

При груба поделба разликуваме – етмоидални и антрохоанален полип (полип кој се појавува само на едната страна во носниот ходник). Носната полипоза има застапеност кај повеќе заболувања како – алергиски ринит кај деца и возрасни, астма кај возрасни, цистична фиброза кај деца и
возрасни,неалергиски ринит, интолеранција на стероиди, алергиски фунгален (габичен) риносинусит. Затоа е важно при првото воочување на тешко дишење на нос, пациентот да се јави на лекар за брза детекција и откривање на полипот, а со самото тоа и брзо делување во однос на земање терапија.

Првично место на појавување на полипоидните формации е во сино-назалниот регион, остиомеаталниот комплекс (отвор кој го поврзува носот со синусите). Од ова заболување страда околу 2 отсто од вкупната популација со предоминација кај машката популација во сооднос 2:1, додека пикот на ова заболување е кај постарата популација > 50-годишна возраст. Покрај првичните симптоми на носната полипоза кои се манифестираат со отежнато дишење на нос, пациентите имаат и чувство на замор, понекогаш чувство дека белите дробови немаат доволно кислород. Неретко се појавува и губење на чуството за вкус, болка во лицето, кивање.

Дијагноза

Дијагностички – добро земената анамнеза е битна за пронаоѓање на причината на полипоидниот настанок (кој е честопати идиопатски – имаат непозната причина). Притоа се прави предна риноскопија – која се реализира кај масивната полипоза каде е оневозможена фибер – назалната ендоскопија (со што добиваме прецизна и детална егзаминација – прегледност на носните
ходници).

Ренгенската снимка (Hutrz) има само ориентационо значење, но недоволно.Неопходно е реализирање на КТ – компјутерската томографија, особено 3Д – со што се добива јасна претстава за анатомските структури, можната протрузија – ширење на самите полипи и патолошките процеси во
носот и синусите.

Компјутерската томографија апсолутно ни помага во описот на коскените и мекоткивните структури. Диференцијално дијагностички е неопходно да се исклучи сомнежот за малигни тумори, инвертен папилом и во детска возраст –менингокела.

Хистопатолошката верификација или земање мало парче – биопсија од полипот е неопходна кога полипот е едностран или се наоѓа само во едниот носен ходник.

Терапија и третман

Терапијата која се дава доколку постои носна полипоза е антхистаминска орална, леукотриени (терапија против алергија), кортико-носен спреј кој може да се користи во долг временски период и системски орален кортико препарат.

Внимателно треба да се постапува при давање на системски орален кортико препарат кај пациенти кои имаат дијабетес, бидејќи го зголемува нивото на шеќер во крвта, кај пациенти кои имаат висок крвен притисок, како и кај пациенти со тешкотии со желудникот. Мора да напоменам дека пробиотиците имаат исклучително добро влијание врз намалување на алергијата, која е
честопатити причина за носната полипоза.

Третманот кај полипите е хируршки: Caldwell-Luc, FESS – функционална ендоскопска синусна хирургија, coblation – радиофреквентна термотераписка индукција (RFTTI). Радиофреквентната коблација е амбулантски метод, краткотраен од 20-тина минути, каде самите полипи со помош на апликатор (кој е инструмент за работа – за еднократна употреба) се намалува и се редуцира полипоидната маса во целост. По неоперативната амбулантска интервенција нема потреба од тампони, бидејќи станува збор за бескрвна метода и пациентот по самото интервенирање е способен да се врати на своите активности и обврски – работа, училиште.

Примариус специјалист д-р Маjа Кирјас, хирург-оториноларинголог
Клиника за „Оториноларингологија“
Клинички Центар – Скопје
e-mail:[email protected]