Бугарскиот министер за енергетика, Александар Николов, на крајот на меѓународната средба на министрите за енергетика на земјите од Западен Балкан и Украина и Азербејџан соопшти дека работат на проширување на соработката во инфраструктурата во регионот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Николов објави дека е потпишан договор од бугарската компанија „Булгартрансгаз“ за изградба на бугарско-српската гасна врска.

-Во однос на трговијата со природен гас, „Булгаргаз“ и грчката компанија „ДЕПА“ ќе работат заедно за подобро развивање на постоечките капацитети на терминалот на островот Ревитуса, како и за барање можности за заедничко снабдување низ целиот регион, додаде Николов.

Меѓусистемските оператори со електрична енергија на Бугарија, Романија и Грција ќе ги потпишат соодветните документи со што ќе се овозможи зголемување на капацитетот за приклучување на нови зелени капацитети. А новите капацитети, според Николов, на електрична енергија ќе овозможат потенцијално намалување на зависноста од природниот гас во регионот и прецизираше дека повеќето решенија за кои се разговара се среднорочни до долгорочни.

На прашањето дали Софија ќе побара одложување од Европската комисија доколку Русија ја запре нафтата, Николов рече дека ставот на Бугарија за нафтата е јасен и секако дека ќе побара одложување. Се бараат внатрешни решенија за работата на „Лукоил“ во Бугарија и начинот на кој можат да најдат алтернативни решенија, за да нема ризици за рафинеријата во Бургас и производството да продолжи.