За законот за данок на солидарност имаше широка дебата која почна во октомври и во која беа вклучени коморите, истакна денеска од собраниската говорница заменик-министерот за финансии Филип Николоски.

– Во дебатата беа вклучени коморите, токму најголемите од Клубот 100, како и политичките партии кои присуствуваа во делот на правење на тој концепт односно како би изгледал законот за данокот на солидарност. Од најголемите компании, оние кои се и најголеми плаќачи на даноци, ги прифативме сите забелешки и според нивните забелешки се направи овој Предлог-закон за данок на солидарност, рече Николоски.

Одговарајќи на пратеничко прашање, посочи дека станува збор за данок којшто ќе се плаќа еднократно и со кој ќе бидат опфатени околу 200 компании, а се очекува во Буџетот да се влеат од 60 до 70 милиони евра.

Најголем дел од средствата, односно над 50 проценти, што ќе се соберат по основ на овој данок ќе бидат од компании кои работат во индустријата со струја, гас и нафтени деривати, банки, осигурителни компании, финансиски друштва за брзи кредити и обложувалници.

– Најголем дел од средствата доаѓаат од овие индустрии, рече Николоски.