Проектот за изградба на Пречистителна станица во Скопје не е замрзнат и мислам дека час поскоро ќе почне со реализација, рече денеска министерската за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

– Проектот не е замрзнат и паралелно се одвиваат неколку активности за да може да се ефектуира и да започне со реална имплементација, рече Шукова во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Нагласи дека веќе се отвораат банкарските сметки врз основа на коишто ќе се вршат плаќањата, а исто така се подготвува и градежната компанија која има договор за градба и треба да исполни одредени услови за да може да почне со работа. Воспоставена е и комуникација со Градот и со „Водовод“, кои учествуваат во работните тела.

-Мислам дека е прашање на време кога ќе почне реално да се имплементира овој заем од двете банки и секако да не заборавиме дека таму имаме и 70 милиони евра грант компонента од ЕУ. Мислам дека час поскоро ќе почне со реализација овој проект, потенцира Шукова.