Цената на маслото за јадење е намалена за 40 денари, а цената на репроматеријалите мируваат, истакна генералниот извршен директор на „Витаминка“, Сашо Наумоски при денешната посета на претседателот на Владата на Република Северна Македонија на фабриката „Брилијант“ во Штип, која е дел од групацијата на „Витаминка“.

 –Цената е падната за скоро 40 денари и ние се трудиме и понатака цената да ја намалиме и да ја донесеме, ако е можно да дојде до цените од пред три години што беа. Цената најмногу зависи на нашиот производ од суровината, вели Наумоски.

 Забележа дека не конкурирале за поевтина струја од 1 декември бидејќи имаат инсталирано фотонапонски централи, а производството на струјата од нив  за 30 отсто ги намалува трошоците за производство до крајниот производ.

 Додека пак премиерот Ковачевски прашан за поволностите за поставување на фотонапонски централи, посочи дека како Влада комплетно ја имаат сменето законската регулатива. Но е дециден дека и нивниот став е дека фотонапонски централи да не се поставуваат на земјоделско земјиште од прва и втора класа.

 -Во однос на поголемите централи исто така е направена промена во регулативата и тука се забрзани постапките. Меѓутоа, сакам да истакнам нешто многу важно. Ние не можеме да дозволиме земјиште од прва класа, земјиште од втора класа да биде користено за фотоволтаици. Регулативата ќе се однесува на земјиште од четврта, петта, шестта класа коишто треба да се користат за производство на електрична енергија, меѓутоа земјиштето од прва  и втора  класа треба да се користат за производство на земјоделски производи, бидејќи храната е исто толку значајна колку што е значајна и енергијата и заради ова Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски и другите ресори се во постојана комуникација, вели Ковачевски.

 Премиерот додаде ако за некои фирми  има застој за инсталирање на фотонапонски централи,  тогаш какошто вели веројатно  се работи за трансформација на земјиште од прва и втора класа што смета и дека не треба да се прави.