Австралиски научници веруваат дека се на пат да го вратат изумрениот вид тасманиски тигар и дека би можеле да го добијат првото живо младенче веќе следното десетлетие.

Општо познато е дека торбарот тасманиски тигар, или „волк со глава на куче“, чиешто научно име е „Thylacinus“, целосно исчезнал во 20. век. Последната позната единка угинала во 1936 година во Зоолошката градина „Бомарис“ во Хобарт во австралиската островска сојузна држава Тасманија. Животното наликувало на куче, со тело долго околу еден метар, со сиво-кафена боја и 12 до 14 црни попречни ленти на грбот. Женката раѓала 2 – 4 младенчиња. Живееле во Австралија, Тасманија и Нова Гвинеја.

Ендрју Паск од Универзитетот на Мелбурн изјави дека најавеното партнерство меѓу неговата Интегрирана истражувачка лабораторија за генетско востановување на Тилацинус (ТИГРР) и „Колосал биосајенсес“ (Colossal Biosciences) со седиште во САД, ќе им овозможи на научниците да преземат „големи чекори кон зачувување на загрозените торбари во Австралија и да го преземат големиот предизвик“ за враќање на изумрените видови. Напорите ќе бидат потпомогнати и од работата на ТИГРР за да се идентификуваат торбари со слична ДНК, со цел да се добијат живи клетки.

– Со ова партнерство, сега верувам дека за 10 години би можеле да го добиеме нашето прво живо бебе од видот тасманиски тигар, којшто луѓето го ловеле додека не бил истребен пред речиси сто години, рече Паск.

Револуционерните технологии за уредување гени ќе се комбинираат со работата на ТИГРР за секвенционирање на геномот на „Thylacinus“ за така да го вратат изумрениот торбар, се вели во соопштението.