„Го поддржувам обвинението и доставените докази. Обвинителството може да докаже дека обвинетиот Илија Спасески во ресторан, вечерта на 19.01.2023 година се приближил до масата на Пендиков и му рекол: „Зарем не ти е срам да се идентификуваш како Бугарин“. Откако оштетениот Пендиков му рекол да се смири, обвинетиот се преместил на друга маса“.

Ова беа воведните зборови на обвинителот во рочиштето што започна денеска против напаѓачите на Христијан Пендиков – секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, кој беше брутално претепан на 19 јануари 2023 година во Охрид, јавува БГНЕС.

Обвинителот го потврди својот став дека нападот бил поттикнат од омраза поради бугарската етничка припадност на Пендиков.

Кога оштетениот го напуштил местото и сам се упатил кон својот автомобил, пријавениот заедно со уште едно непознато лице почнал да го следи Пендиков и поради национална и етничка омраза кон Пендиков, кој се претставува како Бугарин, го нападнал и му нанел тешки телесни повреди.

Откако случаен минувач викнал да застанат, обвинетиот Илија Спасески одговорил: „Не вреди за Бугарин да се вика полиција“, а двајцата напаѓачи продолжиле да го тепаат Пендиков, додава обвинителот.

Илија Спасески, еден од обвинетите за претепувањето на Христијан Пендиков денеска пред судот изјави дека не се чувствува виновен за случајот.

„Го разбирам обвинението, но не се чувствувам виновен“, рече Спасески на второто рочиште за случајот во Охрид.

Христијан Пендиков денеска не се појави на судското рочиште, бидејќи продолжува да се лекува во Бугарија.

Извор: Трибуна