Тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман е многу лут поради фактот што непознато лице ги открило тактичките планови на тимот во пресрет на натпреварот против Бохум на 11 февруари.

Баерн го доби натпреварот со 3:0, но Нагелсман не го заборави тоа, па пред гостувањето кај Баер Леверкузен во недела, им се пожал на новинарите.

„Кртовите се заштитен вид. Секогаш кога ќе возите во баварската област, ќе видите 80 илјади легла на кртови. Не можете да се ослободите од нив, затоа потрагата по крт е многу комплицирана. Нервозен сум. Што добива таа личност со тоа што ќе ги открие моите планови? На што се надева? Се обидувам да откријам кој е мотивот, но не можам“, рече Нагелсман.

„Важно ми е ноќе да можам да се погледнам во огледало бидејќи добро се однесувам со играчите и колегите тренери. Се надевам дека таа личност нема да може да се погледне во огледало. Со години размислувам како да ги реализирам моите идеи и како да ги подготвам играчите. Ако таа личност која ги открива нашите тајни сака да ми наштети, тогаш нека биде така,“ истакна Нагелсман.

По 24 одиграни кола, Баерн е лидер во Бундеслигата со 52 бода, два повеќе од Борусија Дортмунд. Во четвртфиналето на Лигата на шампионите, Баварците ќе се сретнат со Манчестер Сити.