ПО повеќе од 20 години во заробеништво, последната од албанските „ресторански мечки“ безбедно пристигна во својот нов дом, засолниште за животни во Австрија.

Таканаречените „мечки од ресторани“ традиционално се чувале во мали кафези до албанските ресторани или хотели и служеле како атракција за туристите.

Во 2016 година, меѓународната организација Four Paws ја започна кампањата „Најтажната мечка“ за ослободување и преместување на повеќе од 30 мечки кои се користеа за прикажување на гостите.

Последна меѓу нив беше Марко, 24-годишниот кафеав мечок кој овој месец беше преместен од ресторанот „Софра е ариут“ во живеалиште за мечки во Арбесбах, Австрија.

Бројни здравствени проблеми

Во заробеништво се борел со бројни здравствени проблеми, објави Four Paws.

Беше дебел, имаше скршени заби, грчеви во нозете и покажуваше знаци на вознемиреност. Сето тоа се последиците од живеењето во кафез од 100 метри квадратни со бетонски под и несоодветна исхрана.

Освен тоа, „мечките од ресторанот“ никогаш не можеле да хибернираат.

Со помош на анестетици, Марко патувал од Тирана до Арбесбах 44 часа низ Северна Македонија, Грција, Бугарија, Романија и Унгарија.

„Редовно правевме паузи за време на патувањето за да може ветеринарот што го придружуваше да го прегледа и да го нахрани со овошје и зеленчук“, рече Магдалена Шерк-Третин, координатор на спасувачкиот проект.

„Откако дваесет години го хранеле главно со остатоци од ресторани и леб, тој неволно прифатил зеленчук, но со задоволство јадел грозје“, додаде таа.

Во светилиштето во Арбесбах, отворено во 1988 година, Марко ќе им се придружи на трите спасени мечки кои живеат во природна средина од 14.000 метри квадратни.