„Добродојдовте во повикувачкиот центар на МВР. Поради контрола на квалитетот разговорот ќе биде снимен. Ве молиме почекајте, сите оператори се зафатени“ .

Со оваа порака секојдневно се соочуваат граѓаните кои мака мачат за да закажат термин за издавање пасош. Чекањето може да биде и неуспешена мисија, а планираното патување одложено. Се обидовме и електронски да закажеме термин за патна исправа. Иако в понеделник покажува можност за слободен термин, сепак тој веќе е резервиран. Најраниот термин за кога можете да се сликате во МВР за пасош во редовна постапка е на почетокот на август, а доколку сакате порано во брза постапка тоа можете да го направите на почетокот од јули. Од МВР велат дека секоја година во овој период е зголемен интересот за издавање на лични документи, а по олабавување на мерките од корона вирусот, граѓаните направиле наплив на барања бидејќи лани беа затворени границите.

„Подолг е периодот за добивање термин за аплицирање само во Скопје, додека во останатите градови закажувањето е тековно. Редовната постапка за изработка на сите документи е 15 дена, додека во итна постапка рокот за издавање е 48 часа за пасош, односно два работни дена за возачка дозвола. Во моментов, мал застој има во издавањето на одреден тип на возачки дозволи, но деновиве се очекува да пристигне пратка со обрасци, со што ќе се надмине и овој застој“, велат од МВР.

Од Алијанса за Албанците направија паралела со скандалот со македонските пасоши кога беа издавани на странски криминалци барани од Интерпол, а сега нема за државјаните. Од Алијанса предупредуваат дека со летното враќање на иселениците во земјава допрва ќе се зголеми бројот на барани пасоши.

„Северна Македонија станува најтрагикомичната држава во светот. Сегашната власт и Министерството за внатрешни работи (МВР) стануваат потсмев низ светот и ужас за граѓаните“, рече Шефик Дураку, Алијанса за Албанците.

Законската измена со која од 1 јули се овоможува продолжување на важењето на македонските пасоши кои се истечени по 31 јули лани, важи само за државјаните кои живеат во странство. Ако сакате да излезете од земјава, ќе мора да ја почекате цела процедура додека добиете пасош. Проблем ќе имате и со регистерските таблички – ако купувате ново возило. Испораката на регистарски таблички доцни зашто МВР не го продолжила договорот со досегашната фирма која ги правеше таблиците, туку одлучила да склучи договор со нова фирма.