Уметничката слика на Сача Џафри, која го држи Гинисовиот рекорд за слика направена на најголемо платно, беше продадена за 62 милиони долари на аукција во Дубаи.

Сликата „Патување на човештвото“ воедно е и втората најскапа слика на жив уметник што некогаш е продадена, а е насликана на големо платно на подот од салата за танцување на хотелот „Атлантис“ во Дубаи, пренесуваат странските медиуми.

Изработката на сликата траела цели седум месеци, а платното било поделено на седум дела. Сите седум дела ги купил Андре Абдун, француски државјанин кој живее во Дубаи и се занимава со продажба на криптовалути.

Средствата собрани од историската аукција ќе бидат насочени во добротворни цели, со цел да им се помогне на децата ширум светот погодени од глобалната пандемија, вели авторот на делото.

Мојот сон беше да направам нешто неверојатно за моите деца, за татко ми. Разговарав со Сача и открив дека инвестицијата и љубовта што тој ја вложува во оваа слика е неверојатна. Цел живот имав за цел да им помогнам на децата. Кога бев дете, немав што да јадам. Сега имам, но сите мора да сториме нешто. Секој долар може да направи промена во нечив живот. Ако го направиме тоа заедно, им даваме надеж за иднината на тие деца… Сакам да кажам дека ова е само првиот чекор“, рече Андре Абдун.