Сопственикот на најпознатата фарма за магариња во Црна Гора продава на аукција разни предмети, кои при посетата на фармата, ги користеле познати личности од општествениот живот на Црна Гора, а сите приходи ги уплатува на оние што се грижат за заштита на животни

Фармата за магариња „Мартиниќи“ му помогна на здружението за заштита на животните со симболични плаќања, пари што беа уплатени на сметката на фармата од продажбата на маица, лопата и чаши.

Пред неколку дена, основачот на фармата Дарко Савељиќ на фејсбук-страницата на фармата објави продажба на работниот костум што актерот Сергеј Трифуновиќ го носел за време на престојот во Мартиниќи. Во тоа време, Трифуновиќ учествуваше во секојдневните активности и чистењето на фармата за магариња. Со цел да ги промовира и да помогне во заштитата на другите животни во Црна Гора, Савељиќ реши да ја понуди на аукција работната облека –  панталоните и маицата – што Трифуновиќ ги носел додека помагал на фармата.

„Неодамна го угостивме актерот Сергеј Трифуновиќ. Го понудивме неговиот работен костум на продажба, а човекот кој ја купи маицата што Сергеј ја носеше на фармата вели дека таа е наменета за неговата сопруга која го обожува Трифуновиќ“, вели Савељиќ за „Вијести“.

Сергеј Трифуновиќ на фармата за магариња

Маицата е платена 25 евра, а тие пари, според основачот на фармата, биле уплатени на сметката на невладината организација „Спас“.

„Кога видовме дека во јавноста поминува ваков вид аукција, ја понудивме на продажба лопатата со која принцот Никола Петровиќ Његош неодамна засади чинар на нашата фарма, а потоа и чашата од која Дритан Абазовиќ испи магарешко млеко на отворањето на Музејот на магарињата. За половина час и лопатата и чашата беа продадени! И двете за по 40 евра“, раскажува Савељиќ.

Парите од продажбата на лопатата и на чашата биле исплатени на организациите „Со рака за шепата“ и „Среќни шепи“.

Од основањето во 2015 година, фармата за магариња во Мартиниќи ја посетиле повеќе од 70.000 луѓе, вклучувајќи и многу познати личности. На Фејсбук, вели Савељиќ, објавите достигнуваат милиони прегледи. „Бидејќи нашата мисија е да ги едуцираме и да ги сензибилизираме луѓето за проблемите со загрозувањето на природата и заштита на животните, ние им уплаќаме дел од нашите приходи на здруженијата за заштита на животната средина и на животните. Се обидуваме да ја поттикнеме хуманоста, таа постои кај повеќето луѓе, само треба да најдеме начин да ја разбудиме. И тоа оди најдобро на ваков, хумористичен начин.“

Додека ја правевме оваа репортажа, Савељиќ се подготвуваше за најновата објава за аукција на предметите од фармата што ги користеле познатите посетители: музичкото ЦД на Зоран Калезиќ и кварцната ламба со која Ана Бекута го греела магарето за кое била задолжена еден ден на фармата.

 

Преземено од „Вијести“ од Подгорица