1502.- Славниот џеновски морепловец Кристофер Колумбо, во служба на Шпанија, тргна на четвртото и последно патување во новиот свет. Во Шпанија се врати во ноември 1504 година, а умре две години подоцна, незадоволен бидејќи го одминаа ветените награди и почести. До последен момент Колумбо не знаеше дека ја открил Америка. Беше уверен дека стигнал до источните брегови на Азија.

1800.- Роден е Џон Браун, американски фармер, борец за рамноправност на Црнците. На 2 декември 1859 година федералната американска војска го фати тешко ранетиот Браун и го обеси. Неговата борба имаше широк одзив и и претходеше на Граѓанската војна (1861-1865) меѓу Северот и Југот на САД.

1805.- Во Вајмар умре Фридрих Шилер, еден од најпознатите германски поети и драмски писатели. Во своите остварувања го истакнуваше идеалот на достоинството, слободата и убавината и незадоволството од тиранијата. Автор е на драмите “Интрига и љубов”, “Разбојници”, “Дон Карлос” и “Јованка Орлеанка”. Роден е на 10 ноември 1759 година.

1873.- Роден е англискиот археолог Хауард Картер, кој во 1922 година ја откри гробницата на египетскиот фараон Тутанкамон.

1901.- Во Мелбурн е отворен првиот Парламент на Австралија.

1903.- Умре Пол Гоген, француски сликар. Сликаше во духот на постимпресионизмот, симболизмот и фовизмот. Од делата познати му се „Месец и земја“, „Се викам Марија“, „Од каде доаѓаме? Кои сме? Каде одиме?“, „Белиот коњ“, „Никогаш повеќе“ и други. Роден е во 1848 година.

1926.- Американците Ричард Брет и Флојд Бенет први го прелетаа со авион Северниот пол, што беше голем подвиг на младата недоволно сигурна авијација.

1927.- Канбера стана главен град на Австралија наместо Мелбурн.

1944.- Во Прилеп, во борба против бугарскиот окупатор загинаа Кире Гавриловски – Јане и Круме Волнароски – Коља, народни херои на Југославија од Македонија. Кире Гавриловски е роден во Прилеп, во 1918 година. Круме Волнароски е роден во Прилеп, во 1909 година.

1945.- Црвената армија ја ослободи Прага, главниот град на Чехословачка.

1945.- Во Берлин, нацистичка Германија го ратификува актот за безусловна капитулација, потпишан во Ремс, Франција, на 7 мај 1945 година. Победата на антихитлеровската коалиција се одбележува на 9 Мај како Ден на победата над фашизмот.

1946.- Кралот Виторио Емануел Трети абдицира и Италија стана Република.

1947.- Во Скопје, во Македонскиот народен театар е прикажана првата оперска претстава на македонски јазик. Тоа беше операта “Кавалерија рустикана” (или “Селска чест” како што е запишано на првиот плакат) од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи. Диригент беше Тодор Скаловски, режисер Бранко Поморишац, а корепетитор Петре Богданов – Кочко.

1955.- Сојузна Република Германија стана член на НАТО.

1959.- Во Скопје умре Борис Бојаџиски, македонски писател, новинар и публицист. Автор е на драмите “Дадовме збор”, “Дедо Мраз и кај нас”, “Милка”, на книгите раскази “Палавото зајаче”, “Првите цутови”, како и монографијата на народниот херој Орце Николов. Роден е во Охрид, на 23 февруари 1915 година.

1978.- Во Рим, во автомобил, е пронајдено телото на поранешниот италијански премиер, Алдо Моро.

1994.- На воведната седница на првиот повеќерасен парламент Нелсон Мендела е избран за прв црн претседател на Јужна Африка, со што е завршен големиот скок од апархејдот кон демократија.

1998.- Во Бирмингем, Велика Британија, се одржа 43 Фестивал на забавна музика во Европа – Песна на Евровизија, со учество на 23 земји (Евросонг 1998). На него, првпат учествуваше и Република Македонија. Неа ја претставуваше Владо Јаневски со песната “Не зори, зоро” на Глигор Копров. Јаневски освои 40 бодови и го освои 19 место.

2001.- Во најтрагична несреќа во историјата на африканскиот фудбал, на најголемиот стадион во Акра, главниот град на Гана, загинаа 126 луѓе во стампедо што го предизвика полицијата која употреби солзавец.

2002.- Американскиот Конгрес им забрани влегување во САД на граѓаните на седум земји кои го поддржуваат и толерираат тероризмот – Ирак, Иран, Куба, Либија, Северна Кореја, Сирија и Судан.

2004.- Претседателот на Чеченија, Ахмад Кадиров загина во експлозија на бомба, што ја поставија чеченските исламски терористи на стадионот во градот Грозни.

2009.- Умре Чак Дејли, кошаркарски тренер, творец на „Дрим тимот“ кој го сочинуваа ѕвездите како Џордан, Џонсон, Баркли, Бирд и кој на Игрите во Барселона во 1992 година ја освои олимписката титула. Важеше за стручњак кој знаеше од различни карактери да создаде хармоничен тим. Како клубски тренер во 1989 и 1990 година екипата на Детроит ја доведе едно подруго до титула во НБА-натпреварите. Ги предводеше и Кливленд, Њу Џерси и Орландо. Во 1994 година беше примен во Куќата на славните кошаркари.

2015.- Во оружена пресметка во кумановската Дива населба животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи, а четириесетина биле повредени. Акцијата завршила откако македонските специјални сили целосно ја неутрализирале и елиминирале терористичката група, од која дел им се предале на македонските власти. Во уличните борби низ тесниот и густно населен урбан дел на оваа приградска кумановска населба животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ Горан Илијевски, Жарко Кузамновски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, припадници на специјалните единици на македонската полиција. Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, биле убиени и 10 припадници на воорушената група.