1625.- Умре британскиот крал од шкотско потекло Џејмс Први Стјуард. Тој е прв монарх кој од 1603 година до смртта владееше и со Шкотска и со Англија. Исто така е и првиот Стјуард кој беше на англискиот престол.

1703.- Рускиот цар Петар Велики, на утоката на реката Нева, во Балтикот, основа град, кој според него е наречен Санкт Петербург (до 1914 година), Петроград (до 1924 година), Ленинград (до 1991 година), а потоа одново Санкт Петербург. Од 1712 до 1918 година беше престолнина на Русија.

1713.- Шпанија со Утрехтскиот мир и официјално го предаде Гибралтар на Англија. Од 30 мај 1969 година Гибралтар доби статус на британски доминион со внатрешна самоуправа.

1770.- Умре италијанскиот сликар Џовани Батиста Тјеполо, последниот голем венецијански мајстор, еден од најголемите декоративни уметници во 18. век. Неговите главни дела – фрески со големи димензии, се изработени во стилот на рококо, а се наоѓаат во надбискупската палата во Удине, потоа во Венеција, во бискупската резиденција во Вирцбург и во кралската палата во Мадрид.

1797.- Роден е францускиот писател Алфред Виктор де Вињи. Дела: поемите „Мојсие“,  „Елоа“, „Самсоновиот гнев“, драмата „Чатертон“, романот „Цинг-Марс“ (преведен кај нас како „Заговор“), новелите „Ропството и големината на војничкиот позив“, „Дневникот на еден писател“.

1845.- Роден е Вилхелм Конрад Рендген, германски физичар, професор на неколку универзитети во Германија. Во 1895 година ги откри “икс” зраците – електромагнетски бранови, подоцна наречени “рендгенски” кои најдоа примена во медицината и за тоа откритие во 1901 година ја доби Нобеловата награда за физика. Умре на 10 февруари 1923 година.

1854.- Франција и објави војна на Русија со што застана на страната на Османлиското царство во Кримската војна, која изби кон крајот на 1853 година. Следниот ден тоа го стори и Велика Бртинија која настојуваше да ја спречи руската аспирација кон Балканот и Црното Море. Војната против Русија здружените сојузници ја водеа две гдоини на полуостровот Крим, каде по крвавите борби и големите загуби успеаја да го заземат клучното пристаниште во градот Севастопољ.

1867.- Роден е Фредерик Хенри Ројс, англиски инженер, кој заедоно со Чарлс Ролс во 1906 година ја основаа компанијата за производство на автомобили „Ројс-Ројс“. Компанијата „Ројс-Ројс“ произведува и авионски мотори.

1898.- Родена е Џозефина Меј Свансон, позната како Глорија Свансон, една од најголемите филмски легенди на Холивуд. Играше во 62 филма. Најголема слава постигна со улогата на Норма Дезмонд, пропаднатата артистка во филмот „Булеварот на самракот“ на Вили Вајдлер снимен во 1950 година.

1903.- Во селото Карбинци, Штипско, дојде до судир меѓу четите на војводите Гане (од Ресенско или Струшко) и Стојан Бочварот (од Штип) од една страна, и турската војска, од друга страна. Борбата заврши со трагичен крај за македонските борци.

1923.- Умре шкотскиот хемичар и физичар Џејмс Ѓуер, кој прв го пронајде течниот, а потоа и цврстиот проводник. Исто така, ја измисли и термос-боцата.

1927.- Роден е рускиот виолончелист и диригент Мистислав Леополдович Ростропович, еден од најголемите мајстори на виолончело. Беше професор на Конзерваториумот во Москва и во Ленинград, а во 1975 година емигрираше во САД.

1933.- Јапонија објави дека излегува од Друштвото на народите бидејќи оваа организација ја осуди јапонската окупација на Манџурија.

1941.- Во многу градови во Кралството Југославија избувнаа масовни демонстрации против потпишувањето на договорот за приклучување кон Тројниот пакт. Масовно беа извикувани паролите: „Долу Тројниот пакт“, „Долу фашизмот“, „Подобро гроб одошто роб“ и сл.

1941.- Владите на САД и на Велика Британија постигнаа спогодба за отстапување на британските стратегиски бази на вооружените сили на САД.

1945.- Германците во Втората светска војна ја лансираа последната ракета „Фау-2“ врз Велика Британија. Проектилот исфрлен од холандскиот град Хаг падна на Орпингтон, југоисточно од Лондон. Од експлозиите на ракетите од овој тип во војната загинаа 8.958 Британци.

1945.- Аргентина им објави војна на Германија и на Јапонија.

1953.- Во Советскиот Сојуз се помилувани голем број политички затвореници.

1964.- Во земјотрес на Аљаска загинаа повеќе од 100 луѓе.

1968.- При еден пробен лет со авион загина Јуриј Гагарин, првиот човек кој полета со космички брод во вселената, херој на Советскиот Сојуз. На 12 април 1961 година, со космичкиот брод “Восток” ја обиколи Земјата за 108 минути, летајќи на височина помеѓу 181 и 327 километри. По поминатите 41.000 километри, успешно се спушти на Земјата. Роден е на 9 март 1934 година.

1968.-  Генералот Сухарто е избран за втор претседател на Индонезија, наместо Сукарно кој ја изгуби власта во март 1966 година.

1977.- Во Санта Круз, на Канарските Острови, во Атлантскиот Океан, се случи една од најтешките авионски несреќи во историјата на цивилното воздухопловство. Во судирот на авионите “џамбо џет” на Американската авиокомпанија и на Холандското кралско воздухопловство загинаа околу 580 патници.

1980.- При потонувањето на нафтената платформа „Александер Киланд“ во норвешкиот дел во Сверното Море загинаа 147 луѓе.

1992.- Република Македонија ја презеде контролата над целата своја територија со своја војска. За ова е потпишан Договор во Скопје од страна на претседателот на Република Македонија Киро Глигоров и генералот на ЈНА Никола Узелац. Со тој чин, всушност, од Република Македонија си замина и последниот војник на ЈНА.

1993.- Дјанг Цемин стана претседател на Кина, генерален секретар на владејачката Комунистичка партија и врховен командант на армијата. Вакво обединување на клучните функции не се памети од времето на Мао Цедунг, но вистинската моќ ја задржа Јанговиот покровител Денг Сјаопинг.

1995.- Претседателот на Јужна Африка Нелсон Мандела ја исклучи од владата сопругата Вини, со која живееше одвоено заради меѓусебни несогласувања. Бракот судски е разведен во март 1996 година.

1996.- Јигал Амир е осуден на доживотен затвор поради убиство на изралескиот премиер Јицак Рабин во ноември 1995 година.

1997.- Во најголемиот инцидент во текот на двомесечните антивладини протести во Албанија загинаа 17 луѓе.

1998.- Умре германскиот произведувач на автомобили Фердинанд Порше, основач на фабриката за спортски возила „Порше АГ“. Во времето на Адолф Хитлер беше еден од конструкторите на „бубата“ („фолксваген“), автомобил произведен за масовна употреба.

2000.- Владимир Путин победи на претседателските избори во Русија.

2006.- Со последното заседание на Комисијата на Обединетите нации за човекови права одржано во Женева заврши со работа 60-годишната историја на ова тело на Светската организација, кое честопати беше предмет на оспорување и попречување.

2007.- Умре Михаил Уљанов, истакнат руски актер. Запаметен е по улогите во филмовите „Идиот“, „Браќа Карамазови“ и др. Иако снимаше до самиот крај на животот, сепак остана верен на Вахтанговскиот театар каде од 1987 година беше уметнички директор.